| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка од САД за членство на Македонија во НАТО

­ Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се подготвени веднаш да ги преземат обврските кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО. Македонија продолжува со својот придонес во меѓународните мировни мисии, меѓу кои и мисијата „Одлучна поддршка“, со што се одржува континуитетот во поддршката за воспоставување мир, демократија и просперитет на глобално ниво.

Како што соопшти прес-­службата на Министерството, ова го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на вчерашниот состанок во американскиот Стејт департмент со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија.

Министерот Јолевски и заменик-­помошникот секретар Ји разменија мислења и за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко. Воедно, во текот на вчерашниот ден, министерот Јолевски оствари средби и со американските сенатори Том Котон, Патрик Лејхи и Џејмс Инхоф, кој е еден од најстарите членови на Комисијата за одбрана.

На средбите Јолевски посочи дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на развојот и на целосната стабилизација на Југоисточна Европа. Имајќи го тоа на ум, додаде министерот, Македонија напорно работи на постојаниот развој на сите сфери во општеството, особено сферата на одбраната и безбедноста. Во таа насока министерот истакна дека соработката со Соединетите Држави и нејзината Армија се од големо значење за Армијата на Република Македонија.

Членовите на американскиот Сенат на средбите со министерот Јолевски дадоа недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата и изразија благодарност и исклучително високо мислење за способностите на припадниците на АРМ покажани во мисиите во Авганистан и Ирак.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски денеска се среќава со Саманта Смит, директор за Балканот, Црноморскиот регион и Кавказот во Советот за национална безбедност на Белата куќа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top