Извозот континуирано расте последниве 14 месеци, при што кумулативниот пораст за минатата година изнесува 17 отсто. Триесет проценти отпаѓа на странските инвеститори во земјава, а 70 отсто е извоз на домашните компании. Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека постои континуиран тренд на раст на извозот, како на стоките произведени од домашните капацитети, така и на услугите од македонските компании.
– Зголемувањето на извозот на домашните компании во голем процент се темели не само на извоз на стока од домашните производни капацитети, туку и на услуги. Македонските компании за квалитетот што го нудат се конкурентни на пазарите во Америка, Европа, а во поново време се пробиваат и во Азија и тоа првенствено компаниите од градежниот и од информатичкиот сектор. Странски инвестиции ја подобруваат надворешно-трговската позиција на Македонија и влијаат на зголемување на извозот, но домашните компании треба да продолжат да бидат носители на поголемиот дел од извозот и понатаму да го зголемуваат. За ова е потребно поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации и фокус кон производи и услуги со поголема додадена вредност. Носители на оваа стратегија ќе бидат малите, продуктивни и флексибилни индустриски капацитети, земјоделскиот сектор како и секторот туризам – изјави Арсовска.
Сојузот на стопански комори во моментов во Јапонија бара нови пазари за пласирање на македонските производи, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
-Постои реален потенцијал за соработка со јапонските стопанственици и тоа не само во полето на трговската размена, туку и преку пренесување искуство за производствените процеси – вели Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.