| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг: НАТО ќе го заштити секој сојузник

Jens Stoltenberg 2НАТО е подготвен да го заштити секој свој сојузник од каква било закана, без разлика од каде доаѓа таа, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пред почетокот на денешната еднодневна средба на министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО. Тој истакна дека одлуките кои ќе бидат донесени денеска имаат голема важност за зајакнување на заедничката заштита и зголемување на стабилноста во алијансата.

– Сега се решителни моменти за Европа и за светот, кога ситуацијата во Украина се влошува, Русија продолжува да не ги почитува меѓународните правила и да ги вооружува и обучува бунтовниците, а во Африка и на Блискиот Исток се шири бруталноста – нагласи Столтенберг.

Генералниот секретар објасни дека НАТО ќе ги приспособи своите сили кон оваа променета ситуација, за да може да се справи со предизвици од секој правец.

– Ќе донесеме решение за зголемување на нашата борбена готовност, ќе ја определиме бројноста на силите за брзо реагирање, а очекувам да се усвои и одлука за оспособување на командни и контролни центри во шест држави на НАТО, а тоа се Бугарија, Романија, Полска, Литванија, Летонија и Естонија – додаде Столтенберг.

Според него, Русија е одговорна за ситуацијата на Крим и во источниот дел на Украина, повикувајќи ја да не им дава поддршка на бунтовниците, да ги почитува договорите од Минск и да го искористи целото свое влијание за прекин на насилството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top