
Украинскиот претседател Петро Порошенко ги повика земјите-членки на НАТО да ѝ испорачаат модерно оружје на неговата земја, за таа да може да се заштити од агресорот, пренесе ТАСС.
Порошенко повикот го упати во интервју за германскиот весник „Велт“.
Според украинскиот лидер, настаните од последните неколку дена треба да ја натераат алијансата да почне да дејствува со поголема поддршка за Украина, посебно преку испораки на модерни орудија, за да може земјата да се брани.
– Мирот треба да се брани. Тоа е причината поради која имаме потреба од силна армија со нови орудија. Тоа ќе ни помогне да ги заштитиме цивилите од нападите на терористите со нивното тешко оружје – рече Порошенко за германскиот весник.
Порошенко денеска во Киев ќе разговара со американскиот државен секретар Џон Кери. В сабота, пак, на Минхенската безбедносна конференција украинскиот претседател ќе се сретне со американскиот потпретседател Џо Бајден и со германската канцеларка Ангела Меркел, со кои ќе разговара за украинската криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


