
Геолошкиот завод на Република Македонија ја заврши ревизијата на елаборатот од извршените геолошки истражувања за проектот за изградба на рудник за бакар и злато кај Иловица и Штука во општина Босилово. Согласно законската обврска, со ревизијата се потврдуваат рудните резерви што претходно беа утврдени.
Според геолошките истражувања, во наоѓалиштето за бакар и злато Иловица, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според проценките, има околу 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно. Просечното годишно производство е проектирано на 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.
Со ревизијата заврши фазата на деталните геолошки истражувања и се исполнија сите услови за продолжување со развојот на проектот, согласно регулативите.
Неодамна, преку непосредна приватна продажба, Европската банка за обнова и развој стана сопственик на 19,99 отсто во Еуромакс Рисорсис, заради инвестициски цели.
Согласно плановите, рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука треба да стартува со работа во 2017 година. Вкупната инвестиција за развој и изградба на рудникот ќе изнесува околу 500 милиони американски долари, а предвидено е да се вработат околу 400 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
СДСМ од Иловица и Штука со директни пораки кон Заев: Премиерот да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не!
-
Босилово денеска гласа за рудникот Иловица, Владата го држи договорот во тајност
-
Еуромакс ресурсис обезбеди 215 милиони долари за проектот Иловица
-
Забранета водата за пиење од водоводот Иловица


