| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Јозеф ван Висем и Александар Пеjовски во МКЦ

4441-650x366

На 14 февруари во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 21 часот ќе се одржи концерт на холандскиот композитор Јозеф ван Висем, а програмата ќе биде збогатена со премиерна изведба на композиција од нашиот автор Александар Пејовски. Тој специјално за овој настан ја создаде музиката, своевиден триптих на ултрасовремена тема, за две виолини, виола и лента, со наслов „Јас сум Шарли – Јас не сум Шарли – Јас сум Шарли, песот од Вевчани“.

Висем е иноватор во свирење лаута и е добитник на награда на Канскиот филмски фестивал за најдобра филмска музика за последното остварување на режисерот Џим Џармуш. Неговата музика не е пренатрупана и е директна, со длабоко хипнотично и чувствено влијание. Предадена е со естетски интензитет што се одразува преку неговите католички наслови. Долгите отмени мелодии создаваат трансцендентен идиличен свет, велат од МКЦ.
– Тој е музичар што постојано е на турнеја, неговите страсни концерти го имаат одведено низ целиот свет, а има настапувано на престижни фестивали. Висем го има изучувано инструментот лаута во Њујорк со Пет О’Брајан и држи предавања на тема „Ослободувањето на лаутата“. Во 2013 година ја доби наградата за најдобра филмска музика во Кан за филмот „Само љубовниците заминуваат живи“ – соопштуваат од МКЦ. 
Висем соработува со Џим Џармуш, Тилда Свинтон и Зола Џизус. Во моментов компонира музика за неколку филма. За него беше изработена целосно црна, единствена, барокна лаута.

Пејовски е еден од водечките композитори на современа класика во Македонија. Квалитетот и квантитетот на неговиот креативен опус во последниве десетина години не само што го потврдуваат тоа туку и го исфрлаат многу далеку пред неговите локални современици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top