Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ како дел од проектот „Литера Арте“ (LITERA ARTE) организира работилници за креативно пишување, на петти февруари, четврток, во 20 часот во просториите на Дом на АРМ. На работилницата ќе се реализира средбата со Ана Голјешка и Ѓоко Здравески, која е дел од програмските активности на овие креативни работилници.
На оваа средба и работилница, учесниците и гостите ќе имаат можност да се запознаат со творештвото на Ана Голјешка и Ѓоко Здравески, со начинот на кој тие творат, што е она што ги мотивирало да се занимаваат со оваа професија, но истовремено и да поразговараат со нив лично за она што нив ги инспирира да бидат автори.
Ана Голејшка е родена на 8 август 1987 година. Дипломка на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, (не)случаен поет, љубител на перформансот. Настапувала на многу поетски читања, а имаше свој настап и на Струшките вечери 2011, на Ноќи без интерпункција. Нејзини дела се најдоа во изборот на Антологијата на најмлдата македонска поезија и проза – „Ветерот носи убаво време“, (2012) и „Антологијата на млада македонска современа авангардна поезија“ (2012).
Нејзината прва стихозбирка, „Љубов на улица“, излезе од печат во септември 2013 година, во издание на книгоиздателството „Култура“.
Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како лектор за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и редовно патува со „Ниш експрес“.
Пишува поезија, кратка проза и есеи, а најдолго и најпосветено го пишува својот магистерски труд. Има објавено две книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010) и „Куќичка за птици-преселници“ (2013). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата „Торту кроз прозор“ (поезија, 2010).
Неговите стихови се објавени во неколку антологии на младата поезија: Ван кутије, антологија нове поезије ЈУ-простора, (2009), Нов македонски хаику-бран (2011), Ветерот носи убаво време, антологија на најмладата македонска поезија и проза (2012), Лирски додекамерон, антологија на младата македонска поезија (2012). Преведуван е на српски, хрватски, словенечки и англиски јазик.
Станува збор за едни од можеби најперспективните автори на генерацијата поети кои допрва доаѓаат на сцена и кои со сигурност ќе остават трага во книжевна историја на Македонија. Двајцата се основачи на „Астални проекции“, настан кој се случува еднаш месечно во Скопје, а служи како простор за промоција и афирмација на автори кои ја имаат желбата да се (з)дружат со оние кои се интересираат за поезија и литература, генерално.
Со овие работилниците се доближуват специфичните цели на проектот до учесниците, како: развивање на знаењето за книжевноста како уметност, откривање на својата личност како потенцијално креативна личност, зголемување на свесноста за потребата од себеизразување, формирање на естетска писменост, доближување на најзначајните македонски и светски автори, преку нивните посебности до сензибилитетот на младата популација и запознавање со актуелната современа македонска литература и автори кои творат на нашата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.