На изненадување на истражувачите и на жителите на историскиот византиски малоазиски град Изник (некогашна Никеја) во туркската провинција Бурса, под површината на езерото се појавија темели на некогашна, очигледно, величествена византиска грчка православна црква, стара 1.500 години. Ова откритие, конечно, докажа дека се точни локалните легенди за постоење на голема историска црква од четвртиот век, посветена на светиот Апостол Павле. Всушност се смета дека тоа бил еден од првите големи храмови што ја краселе тогашната правиславна Мала Азија.
Професорот Мустафа Сахин од Одделението за археологија на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса вели дека темелите испливале на два метри длабочина на 20-ина метри од брегот. Тој вели дека историските податоци говорат дека изградбата на црквата почнала во 313 година, а била завршена, најверојатно, во 500 година.

Професорот Сахин наведува дека на истото место би требало да лежат и темелите на локалниот парламент од римско време. Покрај римското здание била изградена и величествената црква, која, најверојатно, доминирала во тој регион. Овие значајни настани го означуваат почетокот на изградбата и на другите величенствени храмови на територијата на Мала Азија, во сите градови каде што живеела христијанска популација и во сите римски провинции.
Се претпоставува дека црквата по големиот земјотрес, кој во 740 година по Христа ја погодил територијата, потонала во езерото за повторно да се појави по 1.500 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


