| четврток, 6 декември 2018 |

Гонзалес: Одморени и комплетни ја стартуваме 2015 година

По светското првенство во Катар продолжуваат настапите низ Европа. РК Вардар ги продолжува настапите во 2015 година со првиот натпревар во СЕХА лигата против тимот на Мешков Брест. Актуелниот шампион во ова натпреварување се наоѓа на второто место на табелата, но сеуште го нема визирано пасошот за завршниот турнир.
Тренерот на вардарци Раул Гонзалес е задоволен од настапите на неговите играчи на светското првенство за своите репрезентации на кои им даде дополнителен одмор.

Vardar rakomet pres 01 (Custom)

– Натпреварот против Мешков Брест е првиот за нашиот тим во 2015 година. Иако одработевме само два тренинга во комплетен состав мислам дека сме подготвени и одморени за понатамошниот дел од сезоната која ќе биде долга и напорна. Сакаме да победиме против Мешков Брест бидејќи сеуште го немаме загарантирано местото во фајнл-форот – изјави Гонзалес.

Тренерот на црвено-црните потсети дека првиот натпревар Вардар го загуби на гостувањето во Брест и од тоа се извлечени поуки кои многу ќе значат за утрешниот натпревар кој треба да биде силна подготовка за натпреварот во рамките од Лигата на шампионите против Монпелје кој се игра следниот викенд во СЦ „Јане Сандански“.

– Мешков Брест има одлична екипа која со успех настапува во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Играат цврста одбрана и лесно развиваат контри. Најголемата опасност доаѓа од Стојковиќ и Манојловиќ кои се извонредни играчи. Вистински тест натпревар пред важниот дуел со Монпелје – додаде Раул Гонзалес.

Vardar rakomet pres 02 (Custom)

Капитенот на Вардар Филип Лазаров потенцираше дека играчите најважно е што се здрави, но се истрошени повеќе психички отколку физички. И тој го сфаќа мечот како добра подготовка за продолжението на Лигата на шампионите.

– Утрешниот натпревар е специфичен бидејќи Мешков Брест е одлична екипа. И двете екипи се истрошени повеќе психички отколку физички. Ни гостува екипа која игра одлична сезона во двете натпреварувања и сугурно нема да се предаде однапред во овој дуел. И за нив овој натпревар е одличен тест пред продолжувањето во Лигата на шампионите во кое сеуште немаат обезбедено место во следната рунда – изјави Филип Лазаров.

По утрешниот меч, Вардар в сабота патува во Хрватска, на дуел со Загреб, а идниот понеделник ќе ѝ гостува на Војводина. По 12 меча во првата половина од сезоната Вардар стои цврсто на втората позиција на СЕХА-поредокот, со 30 бода, шест помалку од првопласираниот Веспрем и шест повеќе од третиот, Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top