| четврток, 6 декември 2018 |

За есенските култури сега и една капка вода е вишок

niva

Врнежите што ја зафатија Македонија најголеми штети ќе предизвикаат кај есенските посеви. Можноста од нивно угинување е преку 60 отсто, особено ако дождот продолжи да паѓа уште две недели. Почвата е презаситена со вода, коренот нема кислород, па не е исклучено задушување.

Агрометеоролозите прогнозираат загуби и во оранжериското производство, најмногу, како што велат, поради деградирањето на површините, измивање на хранливите материи и нанесувањето нов ерозивен материјал од излевањето на реките.

Состојбата со овошките и со виновата лоза е сосема поинаква. Поради височината на местата каде што се одгледуваат, но и нивната отпорност, речиси воопшто не се загрозени.

Дождот деновиве беше натпросечен, наврнаа пет до 50 литри на квадратен метар. Одводните канали се преполни поради што не останува ништо друго, освен да се чека на подобрување на временските услови, нагласуваат стручњаците.

Според Ангелко Ангелески од Управата за хидриметеоролошки работи (УХМР), ситуацијата е аларамнтна затоа што само вчера и завчера врнежите во Штип, Берово и во Битола го исполнија просекот за февруари.

– Просекот е надминат. Врнежите во јанаури и изминативе два дена во речиси цела Македонија беа од 80 до 150 литри на квадратен метар. Просечно во јануари наврнуваат 42 литра, а во февуари 33 или вкупно над 75 литри – изјави Ангелески.

Во Демир Капија, лани во јануари наврнале 64 литри, а во февруари 45 литри, или вкупно 109 литри, додека оваа година само досега 147 литри.

– Почвата е максимално заситена со вода. Нема капацитет да прими повеќе и водата лежи над површината. За есенските посеви сега и една капка е вишок. Каналите, пак, се преполни. Место да ја исцедуваат, ја враќаат водата од реките. За градинарските култури проблем ќе биде измивањето на хранливите материи од почвата и нивно разнесување по други места. Измивањето воедно на површината ќе донесе покрупни камчиња и неплоден слој. За сето ова да се среди, треба време. Не се решава во краток период – нагласи Ангелески.

Загубите на родот во овој случај, смета тој, ќе бидат многу помали во однос на штетите што ќе ги предизвика деградацијата на земјиштето. Потребен ќе биде подолг период додека почвата се врати во првобитната состојба за да може да се обработува.

– Единствена мерка за заштита е да се исцеди водата, но нема каде. Одводните канали се преполни. Затоа не останува ништо друго, освен да се чека да се намалат врнежите, да се повлечат реките, да се спушти нивото. Тоа ќе зависи само од природните  услови – подвлече агрометеорологот Ангелко Ангелески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top