Македонско-француско-бугарската копродукција, филмот „Мајки“ на македонскиот најуспешен режисер Милчо Манчевски ќе биде прикажан во прочуениот „Линколн центар“ во Њујорк следната недела. „Линколн центарот“ е дом на Њујоршкиот филмски фестивал и на „Метрополитен операта“. По проекцијата на филмот, професорката Имелда О’Рајли ќе направи интервју со Манчевски, кое ќе биде вовед во разговор на авторот со њујоршката публика во „Линколн центарот“.
Светска премиера на „Мајки“ беше на фестивалот во Торонто, а европската во престижната програма „Панорама“ на Берлинале. Филмот беше и македонски кандидат за „Оскар“.
„Мајки” беше вброен меѓу 40 најдобри филмови во Европа од страна на комисија на Европската филмска академија.
Филмот беше претставен и пред публиката на 40 фестивали, меѓу кои и: Сао Пауло (Бразил), Истанбул (Турција), Корк (Ирска), Мадеира (Португалија), Минск (Белорусија), Мадрид (Шпанија), Сиракјуз Њујорк (САД), Утрехт (Холандија), Приштина (Косово), Бахамските Острови, Аруба, Златна Роза во Варна (Бугарија), Варшава (Полска), Севиља (Шпанија), Лесковац (Србија), Киев (Украина), Форт Лодердејл (САД), Гоа (Индија), Керала (Индија), ФЕСТ (Белград), итн.
Меѓународното претставување на „Мајки“ не беше поддржано од Филмскиот фонд на Македонија, ниту од Министерството за култура на Македонија.
Филмот „Мајки“ е добитник на седум меѓународни награди и беше најгледан филм во Македонија.
Главните улоги ги толкуваат Ана Стојановска, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Владимир Јачев, Диме Илиев, Димитар Ѓоргиевски, Марина Поп-панкова, Горан Трифуновски, итн. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер Дејвид Манс, Костимограф Елизабета Монталдо, монтажер Жаклина Стојчевска, композитор Игор Василев Новоградска, а продуцент Кристина Калас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


