| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Направивме сè што требаше за намалување на последиците од поплавите

stip5
Сѐ што можеше да се преземе, сè што дојде како идеја од која било страна, како и насобраното искуство од минатото за намалување на последиците од поплавите е преземено од наша страна. Сега останува да видиме до каде ќе стигне силата на природата, истакна премиерот Никола Груевски синоќа во штипската населба Ново Село, едно од најкритичните места каде се очекуваше реката Брегалница да се излее, објави МИА.
Тој на самото место беше со жителите од штипскиот регион, каде што се правеа насипи со вреќи по течението на реката Брегалница, почнувајќи од населбата Стар Караорман до Ново Село.

Груевски потсети дека Координативното тело на кризниот штаб цел ден заседаваше, но рече дека има ситуации кога човек не може да се соочи со природата, како што не се соочуваат понекогаш и во најсилните држави како Америка, Австралија, Германија, … кога ќе надојдат големи напливи на вода.

– Така понекогаш има ситуации и во Македонија кога, колку и да се трудите, колку и да работите, едноставно природата покажува дека сè уште е посилна од човекот. Тоа што го правевме во текот на денешниот ден беше, главно, поврзано со обезбедување насипи околу реката Брегалница и околните реки, нејзини притоки во целиот овој регион каде што тече Брегалница во источна Македонија. Насипи што треба да бидат обезбедување за запирање на водата при одлевање на коритото – рече Груевски.

По направениот аларм, истакна тој, граѓаните ги преместиле сите вредни предмети на повисоките катови каде што не се очекува да има вода. Во штипскиот регион, според премиерот, било направено сè за да се овозможи што поголема заштита за неодлевање на водата кон куќите и нивна евакуација доколку водата се прелее.

Тој упати честитка до сите припадници на МВР, АРМ, службите за спасување и сите други институции, кои синоќа, како што рече, беа на ниво на задачата низ целиот регион и во Источна Македонија, но и во пелагонискиот регион и сите други каде што дојде и до прекин на електричната енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top