| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски ноќва останува на терен во најкритичните подрачја (видео)

Премиерот Никола Груевски и во текот на ноќта останува во критичните подрачја, со граѓаните на штипско. Тој денеска во придружба на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска со градоначалниците од регионот и кризниот штаб оддржа состанок, по што беа во посета на Ново Село директно да се запознаат со состојбата на терен во очекување на бран кој ќе ја излее река Брегалница.

stip

Во штипско Ново Село, работат екипи на јавните претпријатија, на АРМ и полицијата како и бројни граѓани кои дојдоа да полнат вреќи со песок за да се заштитат oд бранот.

stip2

stip3

– Се што можеше да се преземе, се што дојде како идеја од која било страна, како и насобраното искуство од минатото за намалување на последиците од поплавите е преземено од наша страна. Сега останува да видиме до каде ќе стигне силата на природата – истакна премиерот Никола Груевски вечерва во штипската населба Ново Село, едно од најкритичните места каде се очекува реката Брегалница да се излее.

Тој на лице место ќе биде со жителите од штипскиот регион, каде што од рано утринава се прават насипи со вреќи по течението на реката Брегалница, почнувајќи од населбата Стар Караорман до Ново село.

Премиерот заедно со државниот кризен штаб ќе ја координира акцијата доколку на населението му е потребно помош. Ангажирани се сите државни институции, припадниците на војската и полицијата, а исто така се мобилизираа и жителите од населбите.

Груевски потсети дека Координативното тело на кризниот штаб цел ден заседаваше, но рече дека има ситуации кога со природата човекот не може да се справи, како што не се справуваат понекогаш и во најсилните држави како Америка, Австралија, Германија, … кога ќе надојдат големи напливи на вода.

– Така има ситуации понекогаш и во Макеоднија кога, колку и да се трудите, колку и да работите, едноставно  природата покажува дека се уште е посилна од човекот. Она што го правевме во текот на денешниот ден беше главно поврзано со обезбедување насипи околу реката Брегалница и околните реки, нејзини притоки во целиот овој регион каде што тече Брегалница во источна Македонија. Насипи кои треба да бидат обезбедување за запирање на водата при одлевање на коритото – рече Груевски.

stip4

Очекувањата, додаде тој, се околу 20 часот и 30 минути да надојде првиот голем бран од браната Калиманци, кој веројатно за 15-тина метри ќе го зголеми нивото на водата во реката и потоа постепено до раните утрински часови ќе го достигне својот врв, кога можно е да има посериозни проблеми.

Премиерот упати апел доколку има граѓани кои не ги напуштиле своите домови во ризичните места тоа да го направат, посочувајќи дека единици на полицијата и армијата поминале во сите куќи да проверат дали сите оние кои се во приземјето се преместени на горните спратови, кај роднини, пријатели или во касарната во Штип.

– Засега нема случаи кои побарале да бидат преместени во касарната, но има луѓе кои се кај роднини во другиот дел од градот каде што нема опасност од поплави. Доколку има некој за кој не знаеме дека се уште не е евакуиран и не сака да го направи тоа апелирам да го направи – рече Груевски.

По направениот аларм, истакна тој, граѓаните ги преместиле сите вредни предмети на повисоките спратови каде што не се очекува да има вода. Во штипскиот регион, според премиерот, било направено се да се овозможи што поголема заштита за неодлевање на водата кон куќите и нивна евакуација доколку водата се прелие.

stip5

Нивото на реката Брегалница се очекува во текот на ноќта до раните утрински часови да расте, а од утре во текот на денот да почне да се намалува. Не се очекуваат врнежи во наредните денови, така што состојбата од утре напладне треба да се нормализира.  – Значи, битката е да се помине ноќта со што е можно помалку последици – рече Груевски.

Тој упати честитка до сите припадници на МВР, АРМ, службите за спасување и сите други институции кои денеска, како што рече, беа на ниво на задачата низ целиот регион и во Источна Македонија, но и во Пелагонискиот регион и сите други каде што дојде и до прекин на струја. Градоначалниците, рече, преземаат максимални напори и цел ден се мобилизирани со сите нивни тимови, вработени, месни заедници, граѓани,…

Премиерот Никола Груевски откако денеска го посети штипскиот регион и Општината Чешиново-Облешево и во текот на ноќта ќе остане во Штип, каде што се очекува да биде најголем водениот удар по излевањето на браната Калиманци.

Во источна Македонија е прогласена вонредна состојба, а шефот на кризниот штаб Миле Јанакиески апелираше итна евакуација на населението кое живеее во близина на корито на Брегалница, почнувајќи од виничкото село Истибања, Кочани, Чешиново-Облешево и Штип.

stip6

stip7

stip8

stip9

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top