Министерот за здравство, Никола Тодоров при денешната посета на Клиничка болница и на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип, најави дека кон крајот на годината стартува изградбата на нов објект на Клиничка болница, кој е најкапиталната инвестиција во областа на здравството.
– Новата болница во Штип ќе биде со површина од 20 до 22.000м2 и ќе чини некаде околу 25 милиони евра. Тоа е една од најкапиталните инвестиции во Македонија, заедно со изградбата на Клиничкиот центар и тоа се двата крупни проекти на кои што сме сериозно фокусирани. Проектите се изработуваат и очекуваме некаде пред крајот на оваа година да започнеме со градба и тоа е многу значајно, рече Тодоров.
Тој додаде дека штипската Клиничка болница веќе станува врвен офталмолошки центар.
– Според мене, многу знајчно е присуството на еден многу познат офталмолошки хирург од Бугарија, хирургот Топов, кој што заедно со нашиот доктор Страхил Газепов веќе во континуитет работат на сложени интервенции, фако интервенции. Со тоа, можам слободно да кажам дека штипската болница прави еден сериозен исчекор напред во давањето на офталмолошките здравствени услуги. Исто така, да одбележиме дека во Штип е направена и првата витро-ретинална операција, со што практично со фако методата и со сите овие интервенции кои што се изведуваат, штипската болница се издигнува како еден од врвните офталмолошки центри во државата, додава Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.