| четврток, 6 декември 2018 |

МОН: Контруктивен предлогот на Сенатот на УКИМ

Министерството за образование и наука (МОН) го оценува како конструктивен предлогот на Сенатот на Универзитетот „Св.„Кирил и Методиј“ кој денеска побара овој ресор во најкус можен рок да иницира сеопфатна расправа од која би произлегол предлог за нов закон за високо образование.

Во соопштение по предлогот од Сенатот на УКИМ, МОН наведува дека е секогаш отворено за дијалог и за аргументирани идеи кои значат унапредување на високото образование и понатамошни реформи кои ќе бидат од интерес за сите чинители во образованиот процес. ­

– Министерството, како што веќе и претходно беше јавно истакнато од наша страна, е подготвено во следниот период да организира процес на сеопфатна, стручна и темелна анализа со сите субјекти во оваа сфера, како и разгледување на најдобри практики и искуства во оваа сфера, процес од кој би можеле да произлезат предлози за реформи и подобрувања во високото образование. Веруваме дека понатамошното унапредување на квалитетот на високото образование е темелна определба на сите нас и истакнуваме дека предлогот на Сенатот на УКИМ го цениме како конструктивен, се вели во соопштението од МОН.

За одлуката од денешната седница на Универзитетскиот сенат ректорот на УКИМ Велимир Стојковски со допис го информираше министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. ­

– Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на својата 26 седница одржана на 30.1.2015 година, донесе Одлука да Ви предложи во најкус можен рок да иницирате расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа од која ќе произлезе предлог за промени, односно нов закон за високото образование, пишува Стојковски во писмото до Адеми.

Ректорот наведува дека одлуката на Сенатот е резултат на определбата на државата и мисијата на Универзитетот за квалитетно образование, компатибилно со европското, како и на заедничката улога и одговорност во унапредување на образовниот систем и зачувување и развивање на националниот интелектуален и научен потенцијал, а во врска со последните измени во Законот за високото образование и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top