
Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје му предлага на Министерството за образование и наука во најкус можен рок да иницира сеопфатна расправа од која би произлегол предлог за нов закон за високо образование.
Тоа е одлука од денешната седница на Универзитетскиот сенат, за која ректорот на УКИМ
Велимир Стојковски со допис го информира министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
„Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на својата 26
седница одржана на 30 јануари 2015 година, донесе Одлука да Ви предложи во најкус можен рок да иницирате расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа од која ќе произлезе предлог за промени, односно нов закон за високото образование“, пишува Стојковски во писмото до Адеми.
Ректорот наведува дека одлуката на Сенатот е резултат на определбата на државата и
мисијата на Универзитетот за квалитетно образование, компатибилно со европското, како и на заедничката улога и одговорност во унапредување на образовниот систем и зачувување и развивање на националниот интелектуален и научен потенцијал, а во врска со последните измени во Законот за високото образование и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средно образование.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


