Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за два члена од оспорените 19 членови од Законот за високо образование. Од останатите 17 членови за 14 одлучи да не поведе постапка, а за три да ја отфрли иницијативата.
Поведена е постапка за членот 70 став 2 од Законот кој се однесува на Одборот за акредитација и евалуација и се однесува на изборот на претседателот на Одборот од страна на Владата на Република Македонија која го именува од редовите на неговите членови, кој го претставува и застапува Одборот.
Причините за поведувањето на постапка се што со член 46 од Уставот на Република Македонија се гарантира автономијата на Универзитетот при што со закон може да се уредува основање и вршење и престанок на дејност на универзитет, но, законската одредба член 70 став 6 во делот во кој е поведена постапката всушност не уредува вршење на дејноста, туку се занимава со претставување и застапување на Одборот за акредитација и евалуација, при што законската одредба ја овластува Владата да го именува претседателот на тој Одбор.
Судот се сомнева дали ваквата одредба не излегува надвор од уставните овластувања на законодавецот и притоа не значи навлегување во атономија на универзитетот.
Вториот оспорен член е членот 96 став 7 кој се однесува на тоа менторот на докторскиот труд да не може да биде член на Комисијата за одбрана на докторскиот труд односно универзитетскиот професор кој води студент кандидат за стекнување научно звање доктор на науки да не може да учествува во проверка на аргументи што докторантот ќе ги изнесе при одбрана на трудот.
Поведувањето е затоа што се отвора прашањето дали законодавецот не навлегол во автономијата на Универзитетот бидејќи се занимавал со организациски прашања што е дел од организациската автономност на универзитетот, наместо да се занимава само со вршење на високообразовна дејност.
Судот денеска, меѓудругото, не повел постапка за членовите на овој закон кои се однесуваат на надворешната евалуација, за организација и работа на Одборот, а акредитација и евалуација, за финансирањето на високообразовните установи, за студиските програми, за клиничката настава… Судот смета дека тие не ја нарушуваат автономноста на универзитетот загарантирана со Уставот.
По поведувањето на постапката Судот судот ќе изготви решение кои ќе биде доставено до Собранието, а по проценка на известителот и до Владата како предлагач на Законот.
Тие имаат рок од 30 дена да се изјаснат по сомневањата на Судот, по што со или без мислење одлуката ќе се најде повторно на седница на Уставниот суд, кога ќе се одлучува дали одредбите ќе останат дел од Законот.
Покрај 19-те членови за кои беше поднесена иницијатива за оценување на уставноста, оспорени беа и три подзаконски акти од кои Судот повел постапка само за една одредба од уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовна дејност и на вршење на таква дејност.
Судот одлуките ги донел со мнозинство гласови.
Судот на денешната седница поведе постапка и за една одредба од Законот за службеници, донесен во 2010 година. Одредбата се однесува на членот 3 во кој се определува дека јавни службеници се и вработени во јавни претпријатија основани од Република Македонија.
Судот постапката ја повел затоа што изразил сомневање дека не може сите вработени во јавни претпријатија да се смета дека се јавни службеници со оглед на тоа што надлежностите на тие претпријатија се најчесто од областа на комуналните дејности.
Судот не повел постапка за одредби од Законот за спортот, Законот за Собрание, како и по одредба од Правилникот на директорот на Агенцијата за електронски комуникации, а отфрлил иницијативата во однос на одлука на Владата за условите под кои се смета дека е нарушен мирот на граѓаните од штетна бучава.
На предлог на известителот на Судот на денешната седница од дневен ред од технички причини бил симнат Законот за адвокатски маркички и притоа било одредено за него да се расправа на наредната седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уставниот суд на 19 септември ќе ги разгледува иницијативите за поништување на одлуката за распишување на референдум
-
СМК поднесе инцијатива до Уставен суд за поништување на одлуката за референдум
-
Уставниот суд ќе постапува по одлуките на Аеродром и Радовиш за референдум за населување мигранти
-
Пренџов: Побаравме од Уставниот суд да укаже на нелогичноста во законите за локална самоуправа