| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија доби нова гравиметриска мрежа

premer

Агенцијата за катастар на недвижности од денеска ќе може поточно да ги дефинира границите на недвижностите, особено ако премерувањата се вршат со примена на ГПС технологијата.

Тоа, како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Агенцијата, го овозможува  деталениот гравиметриски премер на цела територија на Република Македонија за кој теренските гравиметриски мерења беа спроведен лани од април до октомври, а анализата и обработката на податоците и изготвувањето на финалниот геодетски елаборат заврши деновиве.

– Во геодезијата податоците од гравиметрискиот премер се од исклучителна важност и нивната примена придонесува за подобрување на точноста и квалитетот на геопросторните податоци, односно на координатите на геодетските точки и деталните точки со кои што се дефинираат границите на недвижностите. Податоците, пак, за распоредот и густината на масите во внатрешноста  на земјата се исклучително важни при спроведувањето на  различни научно-истражувачки и стручни работи – рече директорот на Агенцијата Славче Трпески.

Тој посочи дека податоците од гравиметриските мерења во комбинација со други можат да се користат во инженерството, рударството, геологијата, хидрологијата, сеизмологијата и метеорологијата.

– Македонија практично е прва земја од регионот што успеа да спроведе комплетно нов гравиметриски премер на својата територија со користење на најсовремени инструменти и методи на мерење, согласно со европските стандарди. Од реализацијата на овој проект македонската економија во иднина ќе има голема корист, рече Трпески, нагласувајќи дека податоците може да ги користат сите институции, компании и физички лица – рече Трпески.

Со деталниот гравиметриски премер, нагласи, опфатени се вкупно 2.310 гравиметриски точки кои рамномерно ја покриваат целата територија на Македонија на меѓусебно просечно растојание од  околу пет километри, а резултатите покажуваат дека е постигната точка на одредување на забрзувањето на силата на земјината тежа од околу +/- 60 микрогали, што е исклучително висока точност. Врз основа на измерените вредности е направена  првична верзија на карта на Бугеови аномалии од која може да се види моделот на земјиното гравитациско поле во Македонија.

– Податоците од оваа карта во комбинација со други гео-податоци како геолошката карта, картата со геомагнетски аномалии и геотектонската карта можат да покажат каков е распоредот на рудните богатства во Македонија и дали може да има нафта и природен гас – посочи Трпески.

Нагласи дека изработката на  деталениот гравиметриски премер чинела 250.000 евра и оти средствата се обезбедени од Светска банка. Премерот го спровел конзорциум формиран од фирмите Геофото Зенит Инженеринг од Скопје и Геотеч Инженеринг од Софија, а во надзорот учествувале стучни лица од Словенија и Србија. Податоците од премерот паралелно се обработувани во Скопје и Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top