Со промоција на монографијата „Танец – душата на Македонија“, која се случи денеска во Музејот на македонската борба, се заокружи прославата на 65 години од постоењето на најзначајната национална установа во Македонија, која го негува македоснкиот фолклор.
Автори на монографијата се професорите Родна Величковска и Марко Китевски. Таа се издава по повод 65-годишнината од постоењето на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.
На 200 страници луксузно издание се помесетни фотографии, текстови, извадоци од рецензии, награди, признанија, гостувања на Ансамблот, антологиски избор на носии, настапи на „Танец“ во странство…
– Оваа книга ја испишаа вработените во „Танец“. Ние само тоа го ставивме на хартија. Ним им припаѓа славата. Во монографијата се поместени сите важни датуми, настани поврзани со овој ансамбл. Има избор на носии стари и повеќе од 100 години. „Танец“ бил присутен секаде каде што требало да се покажат македонскиот фолклор и музика. Тој е најдобриот амбасадор на македонската култура. Ние имаме фолклор од кој се одушевуваат сите. Уште на првото гостување во странство тој доби прва награда. Познатиот американски писател од македонско потекло, Стојан Христов, изјави дека вреди едно патување од САД до Македонија само за да се види „Танец“ – изјави авторот Китевски.
Сегашни и поранешни членови на „Танец“, директори, претставници на Македонската православна црква, етнолози, историчари беа присутни на промоцијата на монографијата.
– Во монографијата се поместени 54 антологиски ора што ги изведувал „Танец“ од основањето до денес. За секое од нив има опис на кореографската поставка, потоа за авторот на музиката, носиите – објаснува авторката Величковска.
Меѓу присутните беше и 95-годишниот доајен на „Танец“, Станко Ливрински. Тој работел во „Танец“ од 1960 година, па сè до пензионирањето, во 1978 година. Дедо Станко раскажуваше за гостувањата на ансаблот.
– Гостувавме на четири континенти, посетивме точно 400 града – рече дедо Станко и почна во еден здив да ги набројува сите градови каде што гостувале тој и неговите другари. Двапати доби аплауз додека набројуваше, но тој не се откажа, продолжи прецизно и таксативно да ги набројува сите 400 града каде што гостувал „Танец“ во негово време.
Настапот на дедо Станко го поттикна директорот на „Танец“, Зоран Џорлев, да ги потести и да ги замоли сите што се на некој начин поврзани со оваа национална установа да дадат свој придонес во архивирањето на настапите на „Танец“.
– Не одбивајте да ве снимаме. Сето тоа што имате да го кажете, ќе остане забележано и ќе влезе во архивата и во аналите на „Танец“ – рече Џорлев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.