„Филхармонија на кирилица“ е насловот на вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во Македонската опера и балет во 20 часот. Симфониски концерт на Македонската филхармонија е дел од циклусот концерти посветени на македонското музичко творештво и исполнителство.
Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, ќе настапат македонските солисти: Ана Гацева (пијано), Блерим Груби (виола), Петруш Петрушевски (контрабас), Александар Стефановски и Емилија Ристевска-Стефановска (флејти), Глигор Гелебешев и Катерина Гелебешева-Костадиновска (пијано).
На програмата се: „Елегија“ бр. 1 за контрабас и оркестар од Ботесини, „Романса“ за виола и оркестар оп.85 од Брух, Концерт за две пијана и оркестар op. 61 од Пуланк, како и две дела кои ќе ја доживеат премиераната изведба во Македонија – „Риголето фантазија“ за две флејти и оркестар оп. 38 од Доплер и Шпанска рапсодија за пијано и оркестар оп. 70 од Албениц.
Македонската публика ќе има можност да слушне и едно дело од македонски композитор – „Темпера 4“ од Тома Прошев.
Македонската филхармонија најави дека на 13 февруари по повод Денот на вљубените, ќе се одржи концерт на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев кој живее и твори во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


