| четврток, 6 декември 2018 |

Тешко време за грчкиот Робин Худ

cipras

Алексис Ципрас победи на изборите, а со тоа влегува во најтешката фаза во својата политичка кариера. На него почиваат надежи на милиони разочарани Грци. На нивниот Робин Худ нема да му биде лесно, смета Спирос Москов.

Нема да провоцираме раскинување со партнерите, но нема да ја продолжиме политиката на безусловно потчинување – рече пред полноќ убедливиот победник на предвремените избори Алексис Ципрас. Неговиот левичарски сојуз Сириза, кој до пред неколку години беше маргинална појава, поради преливање на многу гласачи незадоволни од актуелната власт, стана нова народна партија. Харизматичниот народен трибун Ципрас, кој до сега не бил на власт, се најде во најтешката фаза на својата политичка кариера: како победник на изборите и како голема надеж на мнозинството граѓани, тој сега мора својата реторика вперена против мерките за штедење, да ја преточи во практична политика.

Тоа нема да биде лесна задача за грчкиот Робин Худ. Неговата земја сѐ уште е зависна од парични инфузии од омразената Тројка – ММФ, ЕЦБ и Комисијата на ЕУ. Обидот за рефинансирање на државата преку пазарот пред неколку месеци неславно пропадна. Со други зборови: Сириза на власт не смее да ризикува прекин на соработката со меѓународните партнери, бидејќи тоа може да има фатални последици. Таа мора да бара преговори со цел да се договори за нов отпис на долговите. Во спротивно, нема да може да ги исполни ветувањата кои ги даде на напатените граѓани.

И во петтата година на лабави нозе

Бидејќи и во петтата година по банкротот и покрај распнатите финансиски штитови, Грција сѐ уште се наоѓа на лабави нозе. Успесите како што беа зголемувањето на производството во 2014 година, буџетскиот суфицит и туристичкиот бум не смеат да ни го одвратат вниманието од фактот дека грчкото стопанство во последните години изгуби една петтина од својот волумен. Невработеноста сѐ уште е огромна, цели слоеви на населението се бутнати во сиромаштија со лошо замислените мерки за штедење или лоши потези. Може да се каже дека Грција минува низ задоцнета и несистемска модернизација со енормни социјални трошоци.

Ни Брисел не треба да провоцира судир

Столбовите на коалициската влада во последните години секогаш беа конзервативни. Новата демократија на поразениот премиер Андонис Самарас и социјалдемократскиот ПАСОК се партии кои се одговорни за корупцијата и пропаста во последните децении. Гласачите затоа ги казнија. Сега Сириза ветува дека ќе ја намали корупцијата, ќе ги гони затајувачите на данок и ќе го санира јавниот сектор. Тоа се задачи кои во Грција треба да ги реши Сириза. Оваа свежа и неискусна политичка сила има намера да го реши Гордиевиот јазол во Грција. И за Грција и за Европа би било добро кога партнерите во Брисел, па и на други места, сега нема да провоцираат судир со новата власт во Атина.

Дојче веле – Бон

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top