| четврток, 6 декември 2018 |

Бигорскиот манастир со денационализација си врати имот од 650 хектари

бигорски

Врз основа на Законот за денационализација, манастирот посветен на Соборот на светиот Архангел Гаврил, поранешен метох на Бигорскиот, кој се наоѓа во близина на дебарското село Џепиште, повторно му е вратен на владение на Бигорскиот манастир.

– Благодарение на Законот за денационализација на Владата на Република Македонија, а врз основа на старите тапии од манастирот, метохот најпосле му е вратен на Бигорскиот манастир. Имотот опфаќа површина од 650 хектари, од кои повеќето се шума и малку пасишта -потврдуваат од Бигорскиот манастир.

Првата посета на овој божји храм ја направи игуменот на Бигорскиот манастир, Анхимандрит Партениј, со дел од сестринството и по повеќе од седумдесет години повторно засвети кандило во олтарот на црквата.

– Никнат како крин среде шума, манастирот влева чувство на спокој и безмолвие, а наоколу сѐ уште е видлив благословот од некогашните монашки молитви. И којзнае каква радост беше за светите ангели, што повторно засвети кандило во олтарот на црквата – вели сестра Харитина.

Овој прекрасен метох, е сместен во близина, поточно над месноста „Манастирец“ (Три чешми) на стрмните падини на планината Рујница, кон границата со Република Албанија.

Според историските податоци овој манастир, датира од XIV век, настрадал во текот на втората светска војна, кога бил погоден од граната, која целосно ја разрушила големата купола, од кога е и оставен на забот на времето. Сепак, грандиозните ѕидини на прекрасниот и уникатен по својата архитектура храм сѐ уште сведочат за некогашниот богат духовен живот тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top