Победникот на предвремените избори во Грција, водачот на левичарската СИРИЗА, Алексис Ципрас (40) веднаш по прогласувањето на победата најави откажување на договорот на Грција со меѓународните доверители и му вети на народот тешка борба за интересите на Грција уште од денеска.
– Денеска грчкиот народ испиша историја, надежта испиша историја – рече Ципрас во говорот пред илјадници приврзаници на плоштадот во центарот на Атина.
– Грчкиот народ даде јасен, силен и неоспорен налог: Грција го врти листот, Грција зад себе ја остава катастрофалната политика на штедење, страв и самовластие, го остава зад себе петгодишното понижување – рече Ципрас и најави дека неговата земја со надеж и достоинство ќе оди кон Европа, која се менува.
Ципрас најави дека со победата на Сизирза завршува магичниот круг на штедење.
– Се откажува договорот за штедење и уништување, тројната станува минато. Народот ни даде налог за национална преродба и обнонување на социјалната кохезија – истакна Ципрас.
Тој најави формирање на влада на сите Грци на цврсти и праведни основи на правдата и напредокот. Ципрас оцени дека денес е победена грчката елита, грабежите и прикривањата, а победи грчката култура, Грција која се надева, која бара место и време достоинствено да изгради иднина.
Премиерот во заминување Андонис Самарас, водачот на големата коалиција на десницата и социјалистите, го призна поразот и му честиташе на Ципрас.
Самарас го призна поразот по само 35,5 проценти преброени гласови, кога Сириза водеше со повеќе од седум проценти.
Официјалните резултати се очекуваат денеска, по што почнува законскиот рок за формирање на нова влада. Сириза е на чекор од формирање на самостојна влада, но ако не успее, најверојатно дека ќе формира коалициона влада со две мали левичарски партии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.