СДСМ денеска обвини дека Проектот Скопје 2014 година не е завршен и оти годинава ќе продолжи но со друг како што велат од партијата, извршител, овојпат Градот Скопје.
– Оваа 2015 година, преку Градот за проектот Скопје 2014 ќе се потрошат 46.175.000 евра, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Додаде дека средствата се наменети за панорамско тркало, за барокна административна зграда на ЈП Водовод и канализација, за нови барокни фасади на зградите во центарот на градот, за нови фонтани и плоштади…
Граѓаните на Скопје имаат многу поголеми приоритети за коишто можат да се потрошат овие пари, рече Мачевски и додаде дека СДСМ предлага овие пари, да се пренасочат, меѓудругото кон финансирање вонредни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, ново средно училиште во Аеродром, субвенции за енергетска ефикасност, бесплатен јавен превоз за студентите секој ден…
СДСМ во отсуство на идеи, конкретни предлози и решенија се занимава со измислување на квази скандали, вратија од ВМРО-ДПМНЕ.
– За волја на вистината е фактот дека во Македонија и во Скопје се гради изминативе неколку години отткако ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Сега во Скопје се градат нови плоштади, паркови, но и водоводи, се набавија 313 нови автобуси, се изградија булеварите Илинден, Србија, Борис Трајковски, Теодосиј Гологанов, Климент Охридски, Трета Македонска Бригада, огромен број други улици, канализации, реконструкција на училишта и уште голем број на други проекти кои се во интерес на граѓаните и кои Скопје го претвораат во вистинска метропола, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат социјалдемократите да излезат пред граѓаните и да одговорат за скандалите во кои што се вмешани нивните највисоки функционери.
– Отткако СДСМ увидоа дека до гуша им е заглавен во скандали нивиниот портпарол Петре Шилегов, се решија да го сменат и да го пуштат Манчевски, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Дамјан Манчевски нема никаков кредибилитет да зборува на оваа тема, бидејќи, како што посочуваат „тој зад себе нема еден единствен проект туку само напори и битки да биде позициониран што поблиску до неговиот ментор Радмила Шекеринска“.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека јавноста сеуште очекува одговор за скандалите кои ги обелодениле пред неполна година во кои потпретседателот на СДСМ, Манчевски како основач и сопственик на фирмата “Метро паркинг плус” го добива тендерот за одржување и стопанисување на паркинзите во Куманово, со помош на кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски.
– СДСМ треба да престане со ваквите деструктивни политики и измислени скандали и да се насочи да им понуди на граѓаните програма со конкретни решенија и проекти, затоа што граѓаните препознаваат кој работи за нивно добро, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Богдановиќ најави дека некои објекти од проектот Скопје 2014 ќе бидат дислоцирани
-
За Скопје се заинтересиравме откако прочитавме за проектот „Скопје 2014”
-
Јанев за „Дневник“: Мојот релјеф стои до делата на Микеланџело, а во Скопје го сквернават
-
Новиот изглед на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура (ФОТО)