| четврток, 6 декември 2018 |

Русија ја блокира декларацијата на Советот за безбедност на ОН за Украина

Ukraine-EU-Russia

Русија го блокира усвојувањето на декларацијата на Советот за безбедност на ОН, со која се критикуваат изјавите на проруски сепаратисти и се осудува ескалацијата на насилството во источниот дел на Украина, јавуваат западни медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори.

Канцеларијата на генералниот секретар на ОН вчера објави соопштение во кое Бан Ки-мун категорично го осудува „ракетниот напад врз Мариупољ, во кој загинаа околу 30 луѓе, а над 100 се повредени“, како и „провокативните изјави“ од страна на сепаратистите.

Велика Британија предложи нацрт-декларација, која ги содржи истите осуди на генералниот секретар на ОН и повикува на истрага, но Русија ја отфрли, одбивајќи да се вклучи во осудата на провокативните изјави на сепаратистичките лидери во Украина.

Декларациите на Советот за безбедност треба да бидат едногласно прифатени.

Руската страна соопшти дека не бил постигнат консензус, бидејќи британската делегација настојувала да се осудат „некои изјави на проруските сили“, а западните земји-членки на Советот постојано за време на конфликтот одбивале да осудат „било какви изјави или агресивни активности на раководството во Киев“.

Во текстот од декларацијата, до кој дошле западните медиуми, конкретно се споменува Александар Захарченко, лидерот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, кој вчера изјави дека офанзивата за освојување на градот Мариупољ е „најдобар начин да им се оддаде почит на нашите жртви“ и вети дека таа ќе продолжи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top