По истекот на годината, секој од нас прави преглед на настаните и на личностите што ја одбележале. Некому му се случиле многу работи, било добри или лоши. Некому, можеби, ништо не му се случило. Некому желбите што си ги посакал минатата година му се оствариле, некому не…Но, секој од нас има барем еден настан или личност по кој ќе ја памети годината: подарок, запознавање многу личности, некои разочарувања, убав летен одмор, драга личност во животот и будењето на, можеби, едно ново скриено чувство, но и успеси на професионален план.
Прашавме неколку македонски уметници по што ќе ја паметат изминатата година. Еден од нив е музичар, другиот актер, а третиот сликар… Генерално, сите бележат професионални успеси во земјава и во странство. За нив ова беше добра година, убава, но, секако, се надеваат дека 2015 година ќе биде уште поубава во секое поле од животот.
Емин Џијан, музичар:

2014 година за мене, дефинитивно, ќе биде запаметена по многуте убави професионални ангажмани. Можам да кажам и дека е година на пресвртница во моето дејствување како музичар .
Имав можност да работам на оркестрацијата за музиката што го следеше најголемиот огномет досега направен, кој се случи во Дубаи, на самиот почеток од годината, кој влезе во Гинисовата книга на рекорди. Се случи Дерик Меј и Македонската филхармонија, настан на кој премиерно се изведуваше моја музика напишана за овој настан и се случи мое диригентско деби. Оркестрации за неколку филмови (меѓу соработниците е и А.Р. Рахман, композитор што има добиено две награди „Оскар“), музика за видеоигри во врвни светски продукции, аранжмани и оркестрации за неколку албуми во различни жанрови, аранжмани за џез-концерт со Македонската филхармонија, музика за театар, снимање албум со Шарески во Берлин, албум со француското трио „Ана кап“, снимања со оркестарот за филмска музика ФАМЕС…. многу патувања, концерти…
На некој начин, оваа година за мене е резиме на сѐ што сум правел изминативе дваесет години. Искуството наталожено со години, кое дури сега мислам дека го употребувам соодветно.
Се чувствувам среќен и почестен поради сите работи што ми се случија. Да бидам искрен, не очекував ваков епилог . Едвај чекам да видам што се ќе ни донесе 2015 година.
Огнен Дранговски, актер:

2014 година ќе ја паметам по тоа што животов ми личеше на „Kashmir“ од Лед цепелин. Патувајќи од земја во земја, од театар во театар, без време за воздишка, живот до максимум.
Почна во Битола, продолжи во Лондон, со пробите и 24 изведби на „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир во театарот „Глоуб “. Добро ќе ги запаметам тие 25.000 публика и како од театар „дрвеното О“ се претвораше во гладијаторска арена. Ќе ја паметам по „Иванов“, колку е тој жив во неговото мртвило и крикот против судбината. И кога сѐ изгледаше дека ќе се смири, заминав за Загреб, да работам со Брезовец на два месеца, па премиерата во „кошницата на човештвото“ – Њујорк, градот за кој е вистина клишето дека никогаш не спие, нонстоп врие од луѓе и од убавини. Стапнувањето за првпат на руската земја во Ростов на Дон играјќи го Чехов на македонски. Признанието од градот Битола „4 Ноември“. Пекинг, со неговите 22 милиони, Забранетиот град, Кинескиот ѕид, кој остава без здив…
И најважното, научив дека за секој џин-тоник потребни се и џин и тоник!
Сергеј Андреевски, сликар:

2014 година, на заминување, остави неколку културни настани што се сѐ уште возбудливо актуелни во мојата меморија: Најголемо и најсвежо изненадување е последниот концерт на групата „Љубојна“ во Скопје. Етногрупата се надмина себеси, замина на патување меѓу просторот и времето; се искачи над Рио де Жанеиро, слезе во подземната железница на Њујорк, претрча и до Њу Орлеанс, ја чепна и европската класика. А, сепак, нашата македонска песна беше и остана темел на таа виртуозна изведба.
Уште еден музички настан, овој пат од странски уметник – музичарот Мулату Астатке, кој беше гостин на годинашното издание на „Оф-фест“. Неговото суптилно музицирање за мене беше и останува запаметено како музички празник!
Сѐ уште ме држи возбудата и од премиерната изведба на претставата „За домот се работи!“ на сцената на битолскиот театар, која се одржа на почетокот на годинава, работена по текст на Горан Милошевски. Велемајсторот за жестина, режисерот Кочовски, на нему својствен начин, силно ја отслика нашата бесконечна транзиција. Тимот актери на чело со Дранговски заслужува уште еден аплауз од мене!
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 124. број на неделникот „Република“, 16.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Денес и утре Homo Ludens – МАСТЕР КЛАС – Особеностите на актерската игра во Глоуб театар под водство на актерот Огнен Дранговски
-
Звучна фузија од електроника и класични инструменти на синоќешниот концерт на Емин Џијан и ЗЏМ
-
Македонска филхармонија почнува со „Лауреати“, а за Денот на вљубените песни од Ник Кејв, Том Јорк, Бјорк, Џони Кеш
-
Отворена изложбата „Танц на рацете“ од Сергеј Андреевски: Каде и да е тој е дома, сликите се неговиот дом


