| четврток, 6 декември 2018 |

Откупот на општествени станови пред граѓаните

јанакиески гроздановВо следните 40-ина денови пред граѓаните, што имаат општествени станови ќе бидат презентирани можностите што им се нудат за да го откупат станот или да склучат договор за закуп за станот. Вработените од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор ќе ги посетуваат домовите на овие граѓани, а двосменски ќе работат и подрачните одделенија за да им се овозможи на корисниците да ги поднесат потребните документи.

– Се работи за околу 2.500 станови во три групи – општествени станови добиени во 90-тите години, станови за лица со ниски примања доделени во 2006 година и дивовселени станови, односно станови во кои се вселени лица без соодветен акт – изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по средбата со директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор.

Тој ги повика корисниците на општествени станови, кои се околу 800 на број, да ги комплетираат документите бидејќи доколку не го направат тоа во законскиот рок, ќе го загубат правото на откуп на станот.

– Долго време ги чекавме и го продолживме рокот до 31 март. Доколку и во овој рок не поднесат документи ќе го загубат правото на откуп и ќе можат да склучат само договор за закуп – рече Јанакиески.

Директорот на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор Цветко Грозданов најави дека ќе бидат отворени канцеларии, кои ќе работат од 8.30 до 19 часот со цел да им се излезе в пресрет на граѓаните.

–  И во попладневните часови и за време на викендите ќе бидат посетени сите станари на кои ќе им биде поделено упатство во кое ќе видат кои се промените во Законот и во која група на граѓани спаѓаат за да може да ги соберат потребните документи – рече Грозданов.

Измените на Законот за домување влегоа во сила на 7 јануари, а барањата за откуп или закуп треба да се поднесат најдоцна до 31 март.

Според податоците на надлежните институции, 954 се дивовселени станови, од кои 25 веќе склучиле договор за купопродажба и 169 договор за закуп. Од становите за лица со ниски примања, во постапка се околу 700 барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top