Цената на нафтените деривати веќе половина година е во слободен пад, а таквиот тренд, според познавачите на приликите, ќе продолжи и во претстојниот период. Поевтинувањето на нафтата во светски рамки се одрази и на македонскиот пазар, но, освен намалување на цената на нафтените деривати за околу 30 проценти, сите други цени останаа исти. Облеката, храната, превозот ги имаат истите цени како пред почеток на падот на цената на нафтата. Фирмите сѐ уште прават пресметки и калкулации дали и колку ќе има намалување на цените на производите, под претпоставка цената на нафтата да продолжи да паѓа. Засега никој не сака да се откаже од екстра-профитот што го остварува по намалувањето на цената на црното злато. Граѓаните, пак, придобивката од поевтинувањето на горивата ја чувствуваат само со пополни резервоари во возилата. Стопанствениците со најава за намалување на цените само ако цената на нафтата продолжи да паѓа.
– Се разбира дека поевтинувањето на горивата ќе се одрази и врз цената на останатите производи, но не на краток, туку на подолг рок. Доколку продолжи трендот на намалување на цената на нафтата, самата конкуренција ќе отвори простор за намалување и на другите цени, во просек од 5 до 7 проценти. Пред сѐ мислам на базичните прехранбени производи бидејќи цената на другите видови производи, како, на пример, текстилот, не зависи многу од намалувањето на цената на нафтата – вели Мартин Марковски од „Рудине“.
Според него, дистрибуцијата дури сега почнува да ги чувствува придобивките од поевтинувањето на енергентите.
– Претходно транспортерите не ги зголемија цените на своите услуги иако цената на нафтата беше екстремно висока. Сега кога цената на нафтата падна, превозниците добија можност за некаква заработка, со која треба да се покријат претходните загуби. Наредниот чекор е намалување на цените, но само доколку падот на цената на енергентите продолжи – додава Марковски.
Намалување на цената на производите засега најавуваат само од месната индустрија.
– Ги намаливме цените на сувомесните производи во нашите месарници, а од петок со пониска цена ќе го продаваме и свежото свинско месо, и тоа за околу 5 проценти. Една од причините за намалување на цените, секако, се намалените трошоци. Овој тренд на намалување, најверојатно, ќе продолжи, но треба да се има предвид дека во формирањето на цената на нашите производи учествуваат и други фактори, како што е цената на увозната суровина од која зависиме и движењето на вредноста на доларот и на еврото – велат од „МИК Свети Николе“.
Засега поевтинувањето на енергентите нема да донесе поевтин леб и бели печива. Нема да има поевтинување ниту на автобускиот превоз, со оглед на тоа дека превозниците велат дека и досега цените на билетите биле најниски во споредба со регионот и не се зголемувале кога цената на горивата растела. Нема да поевтини ниту такси-превозот. Од такси-компаниите велат дека изминатите години се зголемени трошоците на работење и дека голем дел од такси-превозниците возат со попуст поради што засега не најавуваат намалување на цените.
Секторите што се зависни од црното злато веќе чувствуваат придобивки, оценува деловната заедница.
– Поевтините горива влијаат врз заштеда на домашниот буџет и доколку овој тренд продолжи, можно е да очекуваме и намалување на цените на одредени производи и услуги. Најдиректно позитивно влијание би требало да имаат секторите како што се транспорт и дистрибуција, односно тоа што може да се очекува е намалување на транспортните трошоци кај компаниите кои се извозно или увозно ориентирани. Голем дел од компаниите, особено во делот на индустријата, во периодот кога цената на горивата беше многу висока се преориентираа и како главен енергент почнаа да ги користат електричната енергија и гасот. Кај тие компании моменталното намалување на цената на горивата нема директно да влијае врз намалувањето на цената на финалните производи. Доколку на подолг рок се задржи ова ниско ниво на цените на горивата, тогаш очекувано е компаниите да си направат пресметки дали ќе им биде поисплатливо користењето на нафтата за да ги намалат цените, а со тоа да бидат и поконкурентни на пазарот – вели претседателката на Сојузот на стопанските комори, Данела Арсовска.
Раце тријат и транспортерите.
– Освен од цената на нафтата, ние зависиме и од понудата на стока за превоз, нешто што е од сезонски карактер. Како и да е, засега нема услови за намалување на цената на услугите бидејќи сега се создадени услови за покривање на загубите што ги натрупавме кога цената на нафтата беше висока – објаснува Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Стручњаците сметаат дека е крајно време фирмите да почнат да ги намалуваат цените на производите. Користа ќе биде тројна. Ќе се зголеми довербата на потрошувачите, а тоа ќе повлече зголемена побарувачка, која ќе значи поголемо производство и обрт, а со тоа и поголема заработка.
– Падот на вредноста на нафтата на светските берзи и ефектите од тој тренд претставуваат еден вид позитивен шок, а ефектите за Македонија, која е земја којашто е 100 проценти увозник на нафта и на нафтени деривати, се само позитивни – вели универзитетскиот професор Трајко Славески, според кого на Македонија не ѝ се заканува дефлација, како општо намалување на цените. Славески смета дека потрошувачите ќе имаат бенефит од намалувањето на цената на нафтените деривати бидејќи повеќе средства во семејниот буџет ќе остануваат за други видови потрошувачка наместо за енергенти, а ќе се подобри и тековната сметка од платниот биланс затоа што значително помалку средства ќе одат за увоз на нафта.
Се очекува падот на цената на нафтата, и следствено на нафтените деривати, да продолжи во текот на оваа година.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 124. број на неделникот „Република“, 16.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.