
Во рамките на проектот „Шерплан – зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџмент“ вчера во Битола се одржа работилница на која културни работници од областа на историјата на уметност, археологијата, архитектурата, животната средина и туристички работници разговараа на темите: „Методологија за планирање на животната средина“ и „Развој на Старата чаршија во Битола“.
На работилницата беа разменети мислења во врска со моменталната состојба на битолската чаршија, а беа разгледани и повеќе аспекти поврзани со можностите за нејзино заживување, како и потребата од реставрација и унапредување во туристички цели. Работилницата претставува и основа за изработка на менаџмент-план за заштита на животната средина и за просторно планирање како една од активностите на проектот „Шерплан“, која е од огромно значење за понатамошното функционирање на чаршијата.
Целта на проектот „Шерплан“ е да обезбеди цврста основа за постигнување компатибилност меѓу заштитата на културното наследство и социоекономскиот развој преку поттикнување на модерен пристап за планирање на животната средина. Со овој проект се опфатени повеќе активности, како што се: изработка на студија за ревитализација на Старата чаршија во Битола вклучувајќи социоекономски, историски, биофизички и инфраструктурни аспекти; менаџмент-план за зачувување на културното и природното наследство во Битола; ГИС-мапи за 100 објекти во чаршијата; типолошки извештај за заштита на културното наследство; организирање работилници, семинари, тренинзи, како и голема транснационална конференција на која ќе присуствуваат претставници од земјите-учеснички во проектот, вклучувајќи ги и министрите за култура на земјите-потписнички на Меморандумот за разбирање.
Проектот „Шерплан“ е поддржан од УНЕСКО, а финансиран од средства на Инструментот за претпристапна помош на Европската унија и претставува партнерство на тринаесет члена од неколку европски земји и од регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


