Одделот за искоренување организиран и сериозен криминал, заедно со претставници од швајцарските органи на прогонот, денеска, по претходно изработен план за преземање мерки и активности во врска со меѓународна истрага за недозволена трговија со дрога, изврши претреси на три локации на подрачје на градот Гостивар заради обезбедување докази за перење пари и други приноси од казниво дело.
Имено, во текот на 2014 година, МВР на РМ спроведе успешна меѓународна истрага во соработка со Швајцарската полиција, насочена против македонски државјани инволвирани во организирање транспорт и продажба на хероин на територијата на Швајцарија. Како резултат на истрагата, во текот на октомври од слобода се лишени 44-годишниот Саити Сабедин од Куманово и 56-годишниот Алигега Кујтим од Гостивар. При операцијата беа запленети околу 25 кг хероин и 60 илјади швајцарски франци. За време на истрагата спроведена во Швајцарија беше утврдено дека дел од паричните средства здобиени од продажбата на дрога преку брз трансфер на пари, како и преку курири, се испраќани во Р.Македонија.
Токму заради пронаоѓање докази за перење пари и други приноси од казниво дело, постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, беше остварена соработка меѓу ЈО на Швајцарија и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и врз основа на тоа беа извршени претреси кај две физички лица од Гостивар и едно правно лице, односно туристичка агенција од Гостивар.
Од извршените претреси, пронајдена е документација за брз трансфер на поголеми суми пари на име на повеќе лица, испратени од Швајцарија во Р. Македонија. Дел од другите проверки сè уште се во тек, а двете лица во својство на сведоци во текот на денот ќе бидат изведени пред надлежен јавен обвинител.
Едно од лицата кај кои е вршен претресот е брат на еден од приведените во Швајцарија, кој, според сознанијата од Швајцарската полиција, пред повеќе од 20 години бил фатен со 300 килограми хероин и за тоа бил осуден на казна затвор во времетраење од 18 години. По издржување на казната, бил протеран и му била изречена забрана за влез во Швајцарија.
Двајцата приведени во Цирих подолг период наназад биле предмет на интерес на кантоналните и федералните органи на прогонот заради сомненијата дека станува збор за крупни играчи на швајцарскиот наркопазар, кои ги снабдувале со хероин поголемите дилери во Швајцарија, но и околните земји. Сознанијата на швајцарските органи на прогонот говореле дека тие набавуваат големи пратки хероин од Турција и по разни канали успевале илегално да го внесат во Швајцарија. Во една пригода швајцарските власти успеале да запленат и 100-тина килограми хероин, но заради непостоење доволно докази не успеале да покренат обвинение против Саити и Алигега. Во меѓувреме, нивното богатство растело, а нелегално здобиените средства ги покривале преку бизнис со градежништво и трговија со половни автомобили. Според некои процени само домот во кој живее Саити во Цирих, чини неколку милиони швајцарски франци.
По вклучувањето на македонската полиција во истрагата и откривањето на 25 килограми хероин, односно приведувањето на двете лица, од направените проверки сомненијата на швајцарските органи на прогонот велат дека на разни начини преку вршење на кривичното дело перење пари, двајцата успеале да канализираат повеќе од 2,5 милиони швајцарски франци.
Истрагата во соработка со швајцарските органи продолжува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


