Новинарот Томислав Кежаровски е ослободен од издржувањето на останатиот дел од казната за затвор на којашто беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок, јави Телеграф.
Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал во текот на вчерашниот ден на јавна седница одлучуваше по предлогот на директорот на КПУ Затвор Скопје – Скопје за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски и донесе решение со кое го уважи предлогот на директорот.
Со решението, Кежаровски се отпушта на ден 18.02.2015 година, односно нема потреба да се јавува во затворот откако беше пуштен поради влошена здравствена состојба, а времето на условниот отпуст трае до 27.06.2015 година, односно до истекот на издржувањето на казната.
„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена“, соопштуваат од Судот.
Против ова решение е дозволена жалба во рок од осум ден, по приемот на решението преку овој Суд до Апелацискиот суд – Скопје.
Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.
Апелацискиот суд му ја намали казната затвор на две години. Со оглед на тоа што на новинарот му се сметаше времето поминато во притвор, му остануваа уште помалку од четири месеци затвор од казната.
Веднаш по одлуката беше спроведен на издржување на казната во затворот во Шутка, но беше ослободен поради влошената здравствена состојба.
Кежаровски беше ослободен токму на денот кога се одржа протест против казната затвор на новинарот. Колегите бараа ослободителна пресуда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.