| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија – пример во регионот

раст

Македонија годинава ќе има највисок економски раст во регионот – оценува Светската банка во својот последен извештај за ЈИЕ. Анализирани се шест земји (Македонија, Албанија, Косово, Србија, БиХ и Црна Гора), а се очекува во 2015-та нивните економии умерено да закрепнат, со вкупен проектиран раст од 1,3 отсто. Сепак, се оценува дека во Македонија растот ќе достиге 3,5 отсто. Нивото на јавниот долг на нашата земја е под регионалниот просек, најбрзо се справуваме со невработеноста, јавните и странските инвестиции остануваат главни двигатели на економијата, пишува „Лидер“.

-Сметаме дека растот во Македонија во 2015-та ќе забрза, ќе се зголемува извозот поврзан со странските инвестиции, а гледаме дека закрепнуваат и традиционалните извозни сектори. Јавните инвестиции ќе останат двигатели на растот, а ќе има подобрување и во делот на домашната побарувачка. Што се однесува до невработеноста, Македонија подобро се справува од другите земји во регионот – смета економистот на Банката за земјава, Доерте Доемланд.

Албанија ќе учи од нас како да привлече инвестиции

Земјите од регионот го копираат нашиот економски модел. Отписот на долгови, стимулативни мерки за домашните компании, роуд – шоуата, привлекувањето странски инвестиции се само дел од проектите кои нашите соседи ги преземаат од Македонија. Па така, претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, по средбата со премиерот Груевски, истакнал дека нашите искуства во делот на привлекувањето странски инвестиции, во делот на земјоделството и на безбедноста на храната можат да и бидат од голем интерес на неговата земја.

По теркот на Македонија, и Србија се реши да организира роуд – шоуа и бизнис – презентации во повеќе европски градови.

-Компаниите што требаше да инвестираат во Србија се одлучија тоа да го сторат во Македонија. Ние сакаме да направиме сè што е потребно, да ги натераме идните потенцијални инвеститори да вложат во Србија – рече во таа прилика, премиерот Вучиќ.

За роуд – шоуа се реши и Хрватска.

– Ова е првиот чекор за привлекување инвестиции, а прв успех ќе биде кога инвеститорите физички ќе ја посетат нашата земја – рече министерот за економија, Иван Врдољак.

Хрватите го копираат „Отписот на долгови“

Хрватска се реши да ги следи стапките на Македонија и да спроведе проект за „Отпис на долгови“. Последните информации од оваа земја говорат дека околу 320.000 луѓе се со блокирани сметки, а 1,5 милион живеат на работ на сиромаштијата. Властите се решија да им излезат во пресрет на најзагрозените, според проценките околу 60.000 Хрвати. Во проектот ќе влезат банките, мобилните оператори, но и неколку поголеми градови кои ќе простуваат долгови за комуналии. Услов е должниците да имаат кумулативен долг од 10.000 куни (79.600 денари), нивните примања да не надминуваат 2.500 куни (19.900 денари), да се невработени подолго од една година.

– Се работи за еднократна мерка која се однесува на најзагрозените граѓани кои никако не можат да платат. Нашите бази на податоци се вмрежени, па не е возможно да се протне некој во овој модел, а кој на тоа нема право – тврди потпретседателката на Владата на Хрватска, Миланка Опачиќ.

-Кога се во прашање телекомуникациските оператори, треба да се пофали Владата за начинот на којшто го спроведува проектот за отпис на долговите. Мислам дека процедурата ќе оди брзо. На најзагрозените граѓани коишто примаат социјална помош ќе им ги простиме долговите, а на другите должници коишто имаат финансиски проблеми ќе им го замрзнеме долгот за рок од една година. Граѓаните должат повеќе пари кон операторите отколку кон банките. Кај нас долговите се мали, но има голем број должници, со што и вкупната сума е поголема – објаснува претставикот на хрватските телекомуникациски оператори, Никола Клисовиќ.

Македонскиот отпис оди мазно!

Во Македонија проектот се реализира под полна пареа. Затворени се повеќе од 2.000 предмети, околу 6.000 се во рацете на доверителите и ќе бидат решени во најскоро време. Вкупно има поднесено 42 илјади барања за отпис, и тоа за струја, парно, РДТ, долгови кон банките.

– Се работи за едно ветување што им го дадовме на граѓаните пред изборите и денес тоа е реалност. Тоа покажува дека за Владата, дадениот збор претставува обврска. Многумина не веруваа, а некои политичари не напаѓаа дека ова го ветуваме само заради изборите, но сега се покажа кој е во право – порача вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Копи – пејст“ и на други мерки

Привлекувањето инвестиции и отписот на долгови не се единствените мерки кои се копирани во регионот. На листата се и низа реформи за подобрување на бизнис – климата, евтините кредити, сетот мерки за вработување, субвенциите, транспарентен избор на менаџери на јавните претпријатија од редот на оние кои се најквалификувани, а не од оние кои е потребно да го минат партискиот филтер. Македонија отиде и чекор напред. На јавен оглас се бараат кандидати за работа во Кабинетот на Премиерот, кои ќе работат на анализа и реализација на владината програма. На огласот се јавија повеќе од 170 кандидати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top