| четврток, 6 декември 2018 |

Акико Суванаи на виолина со Македонската филхармонија

MI0002870993

Во Македонската опера и балет во четврток, во 20 часот, под палката на маестро Борјан Цанев, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт насловен „Повторно Акико“, на кој како солист ќе настапи извонредната виолинистка од Јапонија, Акико Суванаи.

Таа втор пат настапува со Македонската филхармонија, а овој пат пред македонската публика ќе го изведе комплексниот, обемен и виртуозен Концерт за виолина и оркестар во D-dur од Лудвиг ван Бетовен.

Суванаи (1972) е најмладиот победник на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, добитник е на бројни награди и свири на виолина „Делфин“ изработена од Страдивари, која му припаѓала на рускиот мајстор на виолината Јаша Хајфец.

Македонската филхармонија во четврток ќе ја изведе и грандиозната Седма симфонија од Сергеј Прокофјев, која се смета не само за едно од најмоќните дела на рускиот композитор, туку и една од највредните симфонии воопшто во музичката литература.

Следниот концерт на Македонската филхармонија ќе се одржи на 29 јануари, под наслов „Филхармонија на кирилица“ на кој ќе настапат македонските репродуктивци, Емилија и Александар Стефановски – флејта, Петруш Петрушевски – контрабас, Ана Гацева – пијано, Блерим Груби – виола и Дуо пијано Гелебешеви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top