
На отворањето на едно училиште за борачки вештини во предградието на Москва, децата помислија дека славниот актер Стивен Сигал е телохранител на претседателот.
Владимир Путин во друштво на еден од најпопуларните холивудски актери во Русија, Стивен Сигал, го отвори училиштето за борачки вештини „Самбо-70“, а учениците го истуркалеа Сигал настрана за да се ракуваат со претседателот.
По општата еуфорија, Путин ги смири страстите и кажа дека физичкото образование е и повеќе од важно заради што и планира да му го врати „комунистичкиот сјај“.
– Мислам дека би било сосема во ред да се потсетите на позитивното искуство од минатите децении кога физичкото образование беше задолжително. Секако, сега е друго време и сето тоа треба да биде приспособено на денешните околности – рече Путин додека Сигал, како главен промотор на неговата кампања, потврдно кимаше со главата.
„Готов к труду и обороне“, што во превод значи „подготвен за работа и за одбрана“, Сталин го воведе во Русија на почетокот на 30-тите години и сѐ до распадот на СССР училишниот предмет беше задолжителен, во кој децата се челичеа за напорна работа, но стекнуваа и основни знаења од борачките вештини.
Рускиот претседател смета дека младите Руси би требало повеќе да се посветат на физичките активности бидејќи тоа е еден од најдобрите начини за физичката подготвеност и здравствената состојба на нацијата да бидат на задоволувачко ниво.
Путин и Сигал се запознаа во 2003 година на меѓународниот филмски фестивал во Москва и оттогаш се многу добри пријатели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


