| четврток, 6 декември 2018 |

Американската КСС почнува да ја гради фабриката во Кичево

Американската компанија „Кеј Сејфти Системс“ (КСС) за две до три недели ќе започне со изградбата на производствениот погон во слободната економска зона во Кичево. Објектот треба да биде готов до втората половина на ноември и во него до крајот на годинава се планира да се вработат 300 луѓе.

Ова го истакна заменик-претседателот за глобално производство на КСС Џим Скарпа по денешното потпишување на договорите за реализација на инвестицијата во Владата на Република Македонија со директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Скарпа потенцира дека во 2016 година се очекува бројот на вработените во Кичево да се зголеми на 600 до 700, а подоцна да се стигне до конечниот број од илјада вработувања.

Во моментов во Кичево КСС има браунфилд инвестиција во постоечки објект во центарот на градот, а 10 работници се наоѓаат на обука во Романија.

Скарпа истакна дека наскоро започнуваат со втората фаза од вработувањето во која, како што рече, им се неопходни искусни оператори, техничари и инженери.

КСС произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника. Има 34 фабрики во 12 земји, а првото производство од Македонија ќе биде наменето за „Шкода“ и за „Фолксваген“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top