Новите дизајни на борбени робот, типови оружје и воена опрема му беа претставени на рускиот претседател Владимир Путин пред средбата со Воено-индустриската комисија на Централниот научно-истражувачки полигон за прецизна механика во Климовск, во Московската област.
На Путин, пишува агенцијата ТАСС, покрај демонстрацијата на опремата којашто е веќе во употреба особено во копнените војски и десантните единици на руската армија, му биле презентирани модели кои треба да ја подобрат ефикасноста на војниците на бојното поле и да ја подобрат нивната безбедност, покрај новите модели јуришно вооружување и опрема.
Била демонстрирана новата ефикасност на огнената моќ на новото снајперско оружје, а особено место во презентацијата бил гаѓањето од страна на борбен робот.
Уредот во форма на човечка фигура бил ставен на квадроцикл и со пиштол со кој ракувала роботизираната рака истрелал пет куршуми во определена цел. Роботот потоа со возилото направил круг на автодромот на полигонот, притоа контролиран од оператор кој се наоѓал во една од просториите за тестирање на полигонот, известува репортерот на агенцијата кој присуствувал на демонстрацијата.
Според замислата на дизајнерите, роботот треба да има функционалност споредлива со човечката, а овој проект треба да се реализира во неколку фази. Проектот треба да резултира со добивање роботизиран уред способен самостојно да извршува ефективна соработка со инфраструктура којашто ја користи човекот, односно самостојно да се движи по нерамен терен, да дава прва медицинска помош и да управува со транспортни средства.
Проектот заеднички го развиваат компанијата „Андроидна техника“ која се занимава со развој на антропоморфна роботика и фондот за напредни истражувања.
Извор: Макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.