Околу 280.000 основци и средношколци денеска се враќаат во училишните клупи по тринеделниот зимски распут.
Второто полугодие почнува со најава од Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) за штрајк. Сепак, како што се изјаснија членови на СОНК и надлежните во повеќе општини низ Македонија, ќе нема штрајк и второто полугодие од учебната 2014/2015 година во нивните основни и средни училишта ќе почне без одложување.
Тие ги повикаа учениците денеска да дојдат на училиште затоа што наставата ќе се одвива без никакви пречки, а родителите да ги донесат децата во градинките, бидејќи и тие нормално ќе функционираат.
За најавите на СОНК дека неговите членови ќе одат на работа, но нема да ги извршуваат своите работни задачи, надлежните соопштија дека за наставниците што сакаат да штрајкуваат ќе бидат обезбедени замени, а за тоа време нема да примаат плата. Доколку учениците губат од наставата поради штрајк, наставата ќе треба да се одржи или во саботите или пак ќе се продолжи учебната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.