
Кумот за Водици 2015 во Охрид, Жељко Јоксимовиќ им го честиташе празникот Богојавление на сите верници, притоа некриејќи го задоволството што е дел од големата црковно-народна манифестација што по повод Богојавленските празници се организира и одржува во Охрид.
– Бог се јави, среќен празник на сите верници што слават денеска. Голема чест е да се биде тука и присуствува на манифестација со толку голема традиција. Мило ми е што мојот другар Зоки ми помогна и јас да бидам кум на Водици и на некој начин да придонесам за оваа манифестација. Мошне сум почестен и тоа се моите импресии – истакна денеска Јоксимовиќ.
Тој заедно со Зоран Милевски неговиот другар и исто така кум за Водици во Охрид за 2015, годинешниот фаќач на крстот Цветан Мицкоски ќе го даруваат со сребрена реплика на Чесниот крст, тешка околу еден килограм и опточена со позлата.
За неговото кумување во Охрид Јоксимовиќ истакна дека лично е побогат човек кога има се повеќе пријатели.
– И јас и мојот татко и сопругата, моите пријатели што се дојдени тука, се изненадени од вашата гостопримливост, кога низ градот ме поздравуваа „куме“. Тоа секако ми годи, уште повеќе што тука сум дојден приватно, онака како граѓанин, како пријател на Охрид и на Македонија. Мислам дека сето тоа Господ го гледа и мултиплицирано се враќа – истакна тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


