Русија е крајно загрижена поради интензивирањето на судирите во источна Украина и тоа го поттикна претседателот Владимир Путин да му напише писмо на украинскиот колега Петро Порошенко уше во четвртокот и да му предложи повлекување на тешкото вооружување од боиштето, како што впрочем е договорено со ткн Минска спогодба од ланскиот септември, но Киев го одбил овој предлог.
-Крајно не’ загрижува развојот на настаните. Во Донецк продолжува да се бомбардираат станбените објекти со цивилни жртви, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков за руските агенции истакна дека, за жал, украинската страна го отфрлила планот за повлекување на линијата на раздвојување на триесет километри во широчина од линијата на судирот, како што беше предвиден со договорот за прекин на огнот од Минск од почетокот на септември, и не понудила никакво предлог за решение.
Русија, исто така, е подготвена заедно со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да организира контрола на почитувањето на прекинот на огнот, се додава во изјавата на рускиот претседател Путин од неделата по информациите за тешките гранатирања на аеродромот, кој делумно е под контрола на украинската војска, и на центарот на Донецк, при што и двете страни јавуваат за повеќе нови жртви.
-Предлагам двете страни, како украинските безбедносни сили така и милициите на Донбас (силите на самопрогласените рускојазични ткн народни републики во Донецк и во Луганск – з.р), да преземат неодложни мерки за прекин на меѓусебните напади, како и итно повлекување на страните во конфликтот на оружјето со калибар од повеќе од 100 мм на оддалеченост утврдена со Минскиот меморандум од 19-ти септември 2014 година“, врз основа на податоците од фактичката линија на разграничување согласно приложената мапа, се додава во изјавата на Путин.
-Од друга страна, ние сме подготвени да работиме заедно со ОБСЕ на организирање на контролата на спроведувањето на овие чекори, се вели во документот кој беше прочитан во неделата навечер на руската државна телевизија.
Судирите во источна Украина се интензивираа последната седмица. Регистрирани се повеќе десетици цивилни и воени жртви, што упатува на тоа дека се подготвува општ судир на целата линија на боиштето како во летото 2014 година, но сега украинските сили се отфрлени над стотина километри поназад од териториите коишто ги зазедоа во минатиот април.
Москва претходно предупредуваше дека предавањето на ново оружје, во авиони, тенкови и оклопни возила од страна на украинскиот претседател Петро Порошено на гарнизоните во источна Украина , како и најавените пет мобилизации, ја навестува решеноста на Киев да оди на воено решение на конфликтот со југоисточните рускојазични региони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.