Во театарот „Комедие“ во Прага синоќа премиерно беше изведена претставата „Диво месо“ на македонскиот драматург Горан Стефановски, адаптирана од чешкиот режисер Јан Новотни.
Членовите на чешката актерска екипа навистина се потрудија преку приказната за распадот на патријархалното семејство да ја прикажат македонската душа, семејните традиции кои повремено можат да се загубат во борбата со сопствените идеали.
Играта изобилува со напор да се покаже значењето и природата на насилството на човекот од една страна, но и неговата постојана потреба за љубов, сеедно дали е семејна или партнерска. Истовремено се зборува за идеалите, за семејните обичаи и традиции, за домот како столб на едно општество, чие уништување носи распаѓање на целото семејство.
Мајката Марија во првата сцена, кога вели „сонував дека сум пресечена на две и кај што е ‘рбетот – голем црв…”, ја претскажува сета несреќа и трагедија, која секој од шестчленото семејство Андреевиќ ќе ја доживее.
– Гледајќи ја претставата вечерва се обидов да го најдам човекот кој ја напишал пред 35 години. Не сум сигурен дека го најдов или дека тој ме најде мене, но едно е сигурно. Дека драмата дава една временска инверзија, дека како и тогаш и сега се многу важни вредностите кои човекот секогаш ги носи во себе, за идеалите, традициите и семејните вредности, но и нивното распаѓање -изјави Горан Стефановски, кој стоејќи заедно со чешкиот актерски ансамбл на крајот на претставата беше поздравен со аплауз од публиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.