Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и владината делегација во чиј состав се и министерот за привлекување на странски инвестиции, г-дин Џери Наумоф, заменик министерот за економија, г-дин Христијан Делев, и заменик директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Климент Шекеровски денеска присуствуваа на бизнис форум во градот Џајпур, Република Индија каде беа презентирани можностите за инвестирање и водење на бизнис во Република Македонија.
Бизнис форумот во градот Џајпур се одржа во соработка со Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора во Република Индија.
Премиерот Груевски изјави дека Владата е фокусирана кон реализација на мерки за унапредување на економијата и кон овозможувањето на добра бизнис клима за што се преземаат бројни реформи, при што ги истакна и позитивните макроекономски индикатори.
– Она што е важно за Македонија е тоа што поседува стабилна макроекономска ситуација, и инфлацијата е ниска, и поседува стабилна валута. Тоа е голема предност и овозможува сигурност за компаниите и оние кои сакаат да вложуваат – изјави Груевски.
Посочи дека паралелно со реформите во економијата се вложува значително во развојот на информатичките технологии и во сите сегменти, а Владата организира бесплатни обуки за секој во државата кој сака да користи компјутери.
-Освен тоа што Македонија има факултети за информатички технологии се отвори и посебен Универзитет за информатички технологии во Охрид. Тој е државен факултет, наставата е на англиски јазик. Она што е важно за информатичкиот сектор е тоа што интернет пенетрација во 2006 година беше 9 отсто, а денес е околу 70 отсто со што имаме сериозен напредок во овој поглед – изјави премиерот Груевски.
Премиерот истакна дека она што може да се понуди како потенцијал се и туристичките зони во кои може да се изградат хотели и туристички капацитети, и каде што постојат истите услови како и во слободните економски зони, даночни поволности, и земјиште кое се продава по почетната цена од 1 евро за еден метар квадратен. Се осврна и на договорите за слободна трговија кои ги има потпишано нашата земја со што се обезбедува поголем пазар.
– Државата има договори за слободна трговија со сите држави во Европа, освен Русија со која дискутираме да се финализира. Со сите други држави во Европа, со земјите кои се членки, и кои не се членки на Европската Унија, со државите од ЕФТА како Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, но и други држави како Турција, Украина имаме склучено вакви договори. Тоа значи дека се што е произведено во Македонија може да биде извезено во тие држави без плаќање на царински давачки. Тоа е голема предност, особено што Македонија е мал пазар при што со овие договори го надминуваме овој проблем и компаниите имаат пристап до 660 милиони потрошувачи – изјави премиерот Груевски.
Министерот Џери Наумоф во своето обраќање истакна дека индиските компании треба да ја посетат нашата земја и да се уверат во добрите услови за водење на бизнис.
– Може да се вложува во повеќе сфери, а една од нив е туризмот. Неодамна Њујорк Тајмс селектираше 52 туристички места во светот кои треба да се посетат во 2015 година, а Македонија е на 10 место. Реномираниот Лонли планет посочи дека Македонија е една од топ десетте земји кои треба да се посетат во 2014-та, што се два добри показатели за потенцијалите за развој и инвестирање во сферата на туризмот – изјави Наумоф.
Сопственикот на ланецот компании Солемн, Сјам Тандон, кој поседува повеќе бизниси од индустријата со метали и прехранбената индустрија даде позитивна оценка за можностите кои ги нуди нашата земја за странските инвеститори.
– Ја видовме презентацијата на премиерот Груевски, даночната политика и олеснувањата, како и отвореноста кон странските инвеститори се добра можност за индиските компании и инвеститори да се поврзат и да ја искористат можноста Македонија да биде порта на инвеститорите. Индија се отвори за американскиот пазар минатата година и мислам дека треба тоа да го направиме и со Европа, а Македонија е вистинската порта за тоа – изјави Тандон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски