Официјалната веб-страница на француската национална железница СНЦФ соопшти дека поради присуство на напуштен и неидентификуван багаж била евакуирана париската Источна железничка станица, јави дописникот на МИА од Париз.
Според весникот „20 Минут“, причина за евакуацијата е анонимен телефонски повик, при што сите патници и вработени присутни во возовите и во станицата биле повикани да ја напуштат.
По проверката на станицата од страна на безбедносните служби, ситуацијата почна да се нормализира и возовите почнаа да се движат.
Инфромацијата беше широко присутна на социјалните мрежи, со оглед дека евакуацијата на станицата се случи во еден од најфреквентниот период, кога парижаните и жителите на париските предградија одат на работа.
Од пред една недела имаше повеќе вакви операции во Франција, како евакуацијата на железничката станица во Лион или плоштадот Трокадеро, но за среќа сите овие закани се покажаа како лажни.
Според безбедносниот антитерористички план „Вижипират“, секогаш кога ќе биде пронајден напуштен пакет или багаж, деминерите го уништуваат, создавајќи безбедносен појас околу местото каде што е пронајден. Но, поради засилените безбеднсони мерки, претпазливоста налага евакуација на местото.
Изутринава француската полиција изведе акција во исламистичките средини во Париз и неговиот регион, при што беа уапсени 12 лица на кои им е изречена мерка притвор. Тие ќе бидат испитувани за нивната поврзаност со терористите што ги извршија минатонеделните напади и логистичката поддршка која им ја дале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.