Делегација од странска компанија од автомобилската индустрија присутна со инвестиција во Бугарија наскоро ќе ја посети Македонија за да ги разгледа можностите за инвестирање во тој сектор, пренесе директорот на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо. Намерата ја соопштиле по презентацијата на Мизо за време на конференцијата на ЕБРД за развој на автомобилската индустрија во регионот во Софија.
– Kомпанијата мора да одлучи каде да реинвестира и по презентацијата рекоа дека кај нас е поконкурентно отколку во Бугарија и пројавија интерес да дојдат во Македонија во многу блиска иднина. Воедно, нѐ поканија да ја видиме нивната фабрика во близина на Софија – вели Мизо.
На конференцијата своите позитивни искуства од инвестициите во автомобилскиот сектор во Македонија ги презентирале директори на „Кемет електроникс“, „Ван хол“ и „Џонсон Мети“.
На презентацијата Мизо укажал на предностите за странските инвеститори.
– Ги нагласив најважните работи. Претходно беше кажано што е најважно за странските инвеститори, прво е расположливата работна сила и нејзината структура, од аспект на едукација и квалитет, но истовремено и дека има пристап кон таа работна сила што не е можеби случај со некои земји посеверно од нас. Тука ја истакнав и конкурентноста поврзана со она што го нудиме во ТИРЗ од аспект на целосна опременост на инфраструктурата, даночни поволности и општо условите со кои, според „Дуинг бизнис“, Македонија е многу подобро рангирана од сите овие земји во регионот – рече Мизо.
Учесниците на конференцијата, над 50 претставници од компании од автомобилската индустрија од Бугарија, Романија, Србија, Македонија и експерти од областа од Германија и Велика Британија, како и поранешен директор на „Џонсон контролс“ во Бугарија, дебатираа за искуствата, потенцијалите и предизвиците на автомобилскиот сектор во регионот.
– На конференцијата беше истакнато дека по минатогодишниот намалување на производството на автомобили во Европа за над 8 проценти и оваа година, исто така, ќе има мало намалување, но оти идната година на повидок е стабилизација и мал раст. Според изнесеното на конференцијата, во Северна Америка и во Кина има многу позитивен развој на автомобилската индустрија, но и дека во овие услови на зголемена конкурентност и опаѓање на продажбите е многу важно заедничките компоненти да се позиционираат на места каде што конкурентно ќе можат да ги задоволат барањата на крајните произведувачи на автомобили. И затоа нашиот регион беше истакнат како многу компетитивен и конкурентен – изјави Мизо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


