Домашните црковни слави се симбол на идентитетот на македонскиот народ, но и можност за дружба, комуникација, сплотување. Ако подлабоко погледнеме на работите, токму куќните слави се тие што ќе нè натераат да се видиме, да седнеме на маса, да поразговараме, да комуницираме. Работите се менуваат – некогаш скромно, тивко, со отворена врата за секого. Денес со музика, богата трпеза, па дури и славење во ресторан. Но, црквата вели сѐ што се прави во име на бога, сѐ што е наменето за бога, не е грев.
– Дискутабилно е дали некому може да му се ограничи како ќе ја одбележи куќната слава. Верата е скромност од аспект на храна. Но, желбата, радоста да се искаже љубов кон бога и кон светецот што се слави не смее да се ограничи, секако без да се помине црвената линија – вели отец Димче Бојковски.
Многумина сметат дека богатите трпези, музиката на слава, играњето, славењето во кафеана ги изместува работите, па славите преминуваат со непотребна помпа. Но, отец Димче не се согласува со таквиот став на луѓето. Вели ако може за други работи да се прави помпа, зошто не и за бог. Бог заслужува најголема помпа, но не надвор од рамките на христијанството.
– Дали ќе ја украсите масата, дали ќе облечете смокинг или секојдневна облека, тоа е ваш избор. Што е убаво и на бога му е драго. Следејќи го моето искуство, ќе ви кажам дека и мене ми е убаво кога ќе ме поканат на слава и домаќините ќе ме пречекуваат дотерани, средени, кога домот е украсен и среден, ме чекаат со почит, со желба, со љубов. Се гледа дека тоа го прават со многу желба. Сакаат да му угодат на бога. Тоа не смее да се занемари. Ноншалантното однесување не покажува верба и желба да се испочитува бога – коментира отец Бојковски.
Важно е да е дадено во име на бога
Музика на слава не – играње не. Тоа е спротивно на црковните правила, велат многумина. Но, нашиот соговорник не се согласува со тоа. Секој собир во манастир, вели тој, се одбележувал со народна музика. Домаќините не се монаси, од нив црквата не може да прави монаси. Со инструментот се славело името на бога.
Начинот на празнување секогаш треба да биде во согласност со преданието на црквата, да произлегува од учењето, што е главната поента на одбележувањето на верските празници. Храната и пиењето не се суштината на одбележувањето на верските празници. Покрај музиката и богатите трпези, сè почесто верниците во недостиг на простор и на време купуваат готови погачи и славите ги прославуваат во кафеани или во ресторани.
Но, црквата, вели нашиот соговорник, мора да се приспособи на современиот начин на живеење. Купувањето готови славски колачи ја менува основната структура на славата, а црквата не ја забранува прославата на празникот во кафеана.
– Нормално е доколку човек во овие современи услови не може да си дозволи да собере 50-60 пријатели, роднини, драги луѓе во својот дом. Се сеќавам кога бев дете, кога татко ми славеше слава, се вадеа сите кревети во дворот, се поставуваа клупи, вратата беше отворена за сите, масовно доаѓаа луѓе… Не секој има услови да собере толку луѓе дома. Дали ќе го даде јадењето дома или во кафеана не е важно. Важно е да е дадено во име на бога. Порано кафеаната се сметаше за нешто неморално, асоцираше на пејачка, на пиење…, денес е поинаку. Имаме многу домашни кафеани. Кога ќе дојдат верниците да ме прашаат, јас им велам дека може да се прави во кафеана. Важно е дома да го пресечат лепчето. За одбележување на празниците и на славите се најважни свеќата, погачата, житото и виното. Лепчето и пченицата може да се послужат во кафеана пред да се служи храната. Сум бил во кафеана на слава и не гледам причина зошто името на Бога и на светецот да не се прослави со музика, со песна – објаснува отец Димче Бојковски, кој додава дека милостината е многу важна – да се подари нешто на оној кој нема.
Црквата не го одобрува мрсењето на посни слави или на слави што паѓаат во петок. Слава со мрсна трпеза не е слава. Така се врти грб на светците, се врти грб на бога. Лицемерие е да велиш дека го славиш бога, а да мрсиш на посна слава. Давањето мрсна слава во посни денови не е укажување чест на гостите иако домаќините често го прават тоа со желба да им угодат на гостите. Како што велат црковните лица, храната и пиењето не се суштината на славата, туку собирот за вредностите и верата што ја застапувал светецот, што се слави.
Отец Димче вели дека црквата мора да биде полиберална во однос на поставеноста на животот. Не можеме да живееме по нормите донесени на последниот собир во 13-14 век. Денеска сме 21 век, поминати се осум века, многу работи се променети.
– За разлика од нас, католичката црква се приближува до луѓето. Ние сè уште држиме до некои стари норми, барем декларативно. Каноните ги пишуваат луѓето за времето во кое живееле. Јас си земам за право да кажам дека мораме да бидеме полиберални и поблиску до верниците – коментира отец Димче.
Некогаш славите се практикувале на тој начин што домаќините се воздржувале од јавно практикување на обичаите, на пример, славската свеќа се држела под капак за да не се види од далеку, особено во зима. Стручњацитев елат дека во социјализмот многу луѓе прославувале нешто што можело да се нарече домашна слава, но не се практикувале никакви обичаи, односно немало верски обележја. Сепак,славите останале во свеста на луѓето и кога ги напуштиле своите традиционални селски заедници во процесите на урбанизација и индустријализација и ги пренеле во градовите.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Постигнат договор за раздвојување на Грчката православна црква од државата
-
Зошто палиме свеќа во црква и што значи тоа: Следниот пат сетете се на ова…
-
Ценовник од македонска црква предизвика лавина од негативни коментари
-
На овој голем празник сите верници доаѓаат во црквата полна со змии за да седат на нив


