Оригинална вевчанска кујна, странски инвестиции, студентски протести, сатирична приказна за ЕВН, Баба Рада, Македонија пат, убавици, старци, принцези,Субрата Рој – ова е дел од она што денеска може да се види на улиците во Вевчани. И на годинешниот „Вевчански карневал“ продефилираа и традиционалните Зет, Невеста и Глупавиот Август. Вевчанци на карневалот стар 1400 години не ги заборавија постапките на домашните и странските политичари, како и на сите лица од јавниот живот. „Болна власт, уште поболна опозиција“, „Јужен поток „Гес’пром““, Летаме за Европа, беа само дел од паролите кои умешните василичари ги изнесоа низ вевчанските улици.
Василичарите раскажаа- карневалот е сцена без режија. Карневалскиот дух е присутен низ цела година а возбудата е најголема токму на овој ден.
Според традицијата Василичарските тајфи го посетуваат секој дом во Вевчани. На последниот ден карневалот завршува со церемонијалното палење на маските, како симбол на уништувањето на злото и прочистувањето на лошите духови. Така, вевчанци со чиста душа ќе влезат во Новата година.
На карневалот кој годинава трае 6 дена се одржаа и промоции на книги и уметнички изложби, концерти на македонската група „Суперхикс“ и хрватскиот состав „Прљаво Казалиште“, како и настап на „Љубојна“ и фолк-пејачката Елена Велевска.
Автентичниот Вевчански карневал го следат голем број домашни, но и странски новинарски екипи, меѓу кои и екипа на светскиот сервис на Би Би Си која снима и документарен филм за оваа со векови стара карневалска традиција која секоја година е се поуникатна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.























