Координативното тело на Министерството за транспорт и врски, предводено од министерот Миле Јанакиески, вечерва по полноќ излезе на терен на преминот Стража, каде што изврши увид на проодноста на патниот правец Гостивар кон Охрид и обратно.
Екипите на „Македонија пат“ доцна синоќа интензивно го чистеа патот на критичните точки на повеќе патни правци.
Од АМСМ информираат дека на патниот правец Гостивар – крак Маврово – Дебар како и на планинскиот премин Ѓавато е воведена забрана за тешки товарни возила.
Утрото сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива во зимски услови по влажни коловози и наместа остатоци од кашест снег.
Доколу има нов бран на врнежи од снег на територија на Р. Македонија во текот на денешниот ден, како што е најавено, координативното тело на Министерството за транспорт и врски донесе нови мерки и доколку снегот е со голем интензитет, ќе се воведе забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на патните правци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно.
АМСМ ги советува сите граѓани за задолжително поседување зимска опрема во моторните возила и доколку им се потребни информации за состојбата на регионалните и на магистралните патни правци да се јават на 155 55, а доколку им е потребна помош на пат или шлепување да се јават на 196.
Сите граѓани што имаат паметни телефони – достапна им е и нашата АМСМ мобилна апликација и веб-страната на www.amsmspi.mk
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде што е можна почеста појава на одрони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.