| четврток, 6 декември 2018 |

Хомеопатија, фитотерапија и акупунктура ќе бидат законски уредени

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението рече дека станува збор за прашања кои досега не биле регулирани со некое законско решение. Подолго време го правеле предлог-законот и оти консултирани се и се усогласени со сите репрезентативни здруженија од оваа област

akupunktura

Собраниската Комисија за здравство денеска констатира дека предлог–законот за комплементарна и алтернативна медицина е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението рече дека станува збор за прашања што досега не биле регулирани со некое законско решение. Подолго време го правеле предлог-законот и дека се консултирани и се усогласени со сите соодветни здруженија од оваа област.

– Станува збор за предлог–закон за комплементарна и алтернативна медицина, која опфаќа повеќе постапки, методи за дијагостика, лекување, рехабилитација, кои благотворно влијаат и би можеле благотворно да влијаат на човековото здравје, а кои, во согласност со медицинската доктрина, не се опфатени во здравствените услуги во согласност со медицината заснована на докази – истакна Андовски.

Укажа дека целта е да се идентификуваат и дефинираат дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина, кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија, да се утврдат условите под кои тие ќе можат да бидат практикувани, видот и степенот на стручната подготовка односно да се утврдат образованието и квалификациите, кои лицето што сака да практикува некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да ги има.

Меѓу другото, целта е да се создаде механизам што ќе овозможи пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи на пациентот да го оствари правото да избере третман врз основа на точни информации, да се утврди дали лицата кои сакаат да практикуваат некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација итн.

– Овие решенија се темелат на компаративни анализи за правниот статус и начинот на регулирање на комплементарната и алтернативна медицина во Европа како и во други држави надвор од Европа, користена е богата литература за сите аспекти на различните форми на комплементарна и алтернативна медицина и е земена предвид ситуацијата во Република Македонија со користење на неколку вида комплементарна и алтернативна медицина – рече Андовски.

Со овој закон, нагласи, се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, лицата и установите кои применуваат методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина, Центарот за традиционална кинеска медицина, квалитетот на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, Комората за  комплементарна и алтернативна медицина, лиценцата за работа и стручниот надзор над работата на практичарите на комплементарна и алтернативна медицина.

– Овој закон ја воспоставува рамката за професионално применување на комплементарната и алтернативна медицина и се однесува на сите кои применуваат методи и постапки на оваа медицина опфатени со овој закон – додаде Андовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top