Тешкиот товар на македонската блокада за која говореа и Ангела Меркел и новиот европски комесар за проширување Јоханес Хан може да биде надминат на два начина: на земјата што шест години добива, генерално, позитивна оценка за реформите и ѝ се препорачува почеток на преговори да ѝ се дозволи да ги почне во 2015 година. Втората опција е крајно негативна, но, за жал, пореална. Сѐ повеќе навестувања од Брисел велат дека гризењето на совеста во Брисел би можело да се надмине со одземање на препораката за Македонија.
Се слушаат различни сценарија како би можело тоа да се изведе безболно за ЕУ. Едното е најлесно, за да се заштити од срамот што се појавува при секоја дебата за почитувањето на принципите врз основа на кои функционира ЕУ, Европската комисија може воопшто да не препорача почеток за преговори. Со тоа на декемврискиот самит на шефови на дипломатии и на лидери на ЕУ Македонија воопшто нема да мора да биде на дневен ред, односно ќе биде дел од земјите што, генерално, аспирираат кон ЕУ, но не се во фаза блиску до преговори.
Македонија им дава доволно маневарски простор на евробирократите за ваков развој на настаните. Ако сите конструктивни забелешки содржани во последниот извештај на ЕУ, а кои важат и за сите други земји-кандидати, па дури и за многу од земјите-членки, се конвертираат во негативен контекст, кој ќе има за цел да се одземе препораката од Брисел, ЕУ ќе може многу лесно да ја оправда својата евентуална одлука.
Ако бојкотот на Собранието од страна на опозицијата не запре до крајот на септември, тогаш ова сценарио може да се смета за сосема реално. Дисфункционалноста на законодавниот дом во период од речиси две години ќе биде објективна причина за таков чекор, а соодветна медиумска стратегија ќе ги смири дури и најголемите поборници за проширувањето меѓу дипломатите, невладините организации и интелектуалците, кои и така од година во година се сѐ помалку на број.
Второто сценарио, кое не е дел од бриселските јавни и формални собири, но за кое се разговара на повеќе форуми, е целиот процес на евроинтеграција во периодот од пет години, за кој новиот шеф на Комисијата, Жан-Kлод Јункер, најави дека ќе има статус кво во смисла на формален прием, да добие нова форма. Засега никој не е сигурен каква треба да биде формата, но сѐ повеќе се зборува за земји во кои нема големи пречки од политички карактер да станат членки и на други, кои и покрај евентуалното исполнување на критериумите, повторно би имале сериозен проблем да влезат во семејството на ЕУ. Според една од идеите, во една група земји би биле Македонија, Турција и Босна и Херцеговина.
Во друга група земји би биле Србија, Црна Гора и Албанија, а специјален статус би имала Украина и делумно Молдавија, кои, освен во смисла на евроинтеграциите, ќе бидат третирани и како цели на руското влијание. Според најавите, ниту една од земјите што порано или подоцна би требало да влезат во ЕУ нема да бидат оставени на цедило, но некои од нив би имале „поеднаков статус“ од другите. Во ова сценарио, Македонија поради својот проблем со Грција, Турција поради сѐ поголемиот антимуслимански сентимент во земјите-членки и Босна и Херцеговина поради стравот дека до 2020 година нема да може да опстане како една држава, нема да бидат државите на кои Брисел ќе им обрне големо внимание.
Грција ѝ натаму има најголемо влијание
Единствениот начин Македонија да премине од едната во другата група земји е да има промена на крутата политика кај јужниот сосед. Ако на предвремените избори во Грција, кои треба да се одржат во јануари, се потврдат резултатите од анкетите, мала е веројатноста дека Македонија ќе го избегне друштвото на Турција и на Босна и Херцеговина.
Анкетите велат дека Антонис Самарас оди во опозиција, но и дека Димитрис Друцас нема да може да состави нова влада со што земјата може да ја очекуваат уште едни избори во првиот дел на 2015 година и продолжение на новата политичка криза. Со тоа речиси нема никакви шанси да има продолжение на преговорите за името или попуштање на грчката блокада во ЕУ и во НАТО.
Бугарија сѐ помалку е пречка
Изборот на Бојко Борисов за старо-нов премиер на Бугарија од многумина во земјава беше дочекан како негативен за развојот на односите меѓу двете земји. Сепак, како ретко кога, оваа есен не добивме негативни реакции и закани од бугарски претставници од Софија и од Брисел. Иако досега никој официјално не кажа што беше причината за ненадејната посета на Борисов во пресрет на парламентарните избори во февруари 2013 година, сепак, од тогаш ниту Борисов ниту неговите соработници не додаваа масло на огнот во односите меѓу Скопје и Софија. Со изборот на Борисов за премиер има големи шанси веќе да не добиваме сопки од Бугарија на патот кон ЕУ и кон НАТО доколку сите други работи одат како што треба.
Србија и Албанија засега не ни поставуваат сопки
Тирана и Белград засега не можат да бидат пречка за евроатланска интеграција затоа што отворените проблеми со нив се решаваат на конструктивен начин, но, уште повеќе, затоа што овие две земји засега немаат моќ за блокирање затоа што и самите не се членки. Објективно, Албанија дури и да може и да сака, сепак, нема да си дозволи вето за своите браќа во Македонија, како што и Србија нема да предизвикува пречки поради црковниот проблем за своите соседи, кои од страна на нивните граѓани во анкетите традиционално се доживуваат како најблиски. Дали оваа анализа ќе се покаже како точна ако Србија и Албанија станат членки на ЕУ пред Македонија, ќе треба да се види најбрзо во 2020 година.
(Текст објавен во 123. број на неделникот Република, 9.01.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа