Поранешниот началник за обезбедување во МВР, Зоран Доревски, кој десет години ја следи истрагата за смртта на претседателот Борис Трајковски, беше еден од независните стручњаци што го анализираа новиот извештај за падот на владиниот „кингер“ што пред Нова година беше презентиран во јавноста. Доревски во интервју за „Република“ оценува дека извештајот на меѓународниот тим, предводен од босанскиот експерт Омер Кулиќ, дава ново светло на несреќата и недвосмислено обезбедува одговор на клучните нејасни прашања, со што се создадени сите предуслови по точно 10 години случајот конечно да биде ставен ад акта.

Бевте ангажиран како независен стручњак да дадете мислење за заклучоците од новиот извештај за падот на „кингерот“. Имавте ли некои забелешки или предлози како да се дополни за целосно да се расчисти мистеријата за смртта на претседателот Трајковски?
ДОРЕВСКИ: На нацрт-извештајот работевме интензивно во изминатите две недели заедно со уште неколку стручњаци од повеќе области, по што секој поединечно се изјасни за прашања од областа за која беше ангажиран. На самиот почеток експлицитно беше договорено дека оваа експертска група не прави нова истрага, туку примарна задача ѝ е проучување и анализа на текстот во нацрт-извештајот и формирање мислење по него. Секако, некои моменти, поточно факти или доказен материјал, ги толкувам поинаку и во експертизата доставена до комисијата ги наведов прецизно:
Концептуално, нацрт-извештајот има специфична структура (која на обичниот читател ќе влијае нејасно) бидејки наведените точки не завршуваат со подвлечен и разговетен коментар, туку тоа може да се најде во заклучоците или упатувањата на одредени прилози. Во согласност со моето убедување, оваа забелешка не ја намалува вредноста на нацрт-извештајот, туку го прави доста потемелен иако е неспорен фактот дека читателот може да се загуби во лавиринтот на приложени материјали.
Создадени се сите предуслови за истражните дејства и анализи да добијат финализација иако во мене егзистира чувството дека босанската комисија прави обид да помести дополнителен процент на вина кон пилотите, односно екипажот на воздухопловот одошто тоа реално е така.
Дел од заклучоците во новиот извештај ги предвидувавте во Вашата книга „Контроверзии на летот Зулу 3 Браво – Алфа-Браво“, во која ги анализирате контроверзиите што се појавија во јавноста. Сметате ли дека извештајот стави крај на теориите на заговор и, конечно, ја извади на површина вистината за трагичниот настан?
ДОРЕВСКИ: Новата истрага, а особено новиот волумен доказен материјал, обемен и темелен, обезбеден како резултат на интензивно трагање, селектирање, класифицирање и обработка, дава ново светло на воздухопловната несреќа што се случи на 26.02.2004 година во близина на Мостар на македонскиот воздухоплов „кингер Б 200З3 БАБ“ (King Air B 200Z3 BAB) и недвосмислено обезбедува одговор на клучните нејасни прашања, со што се создадени сите предуслови по точно 10 години случајот, конечно, да биде ставен ад акта.
Профилот на севкупната база на материјални податоци која во изминатите две недели интензивно ја проучував, јасно говори за сеопфатен, длабински пристап во кој меѓународниот истражен тим го вложил својот максимум. Структурата на приложениот доказен материјал кој е употребен во индикаторската рамка за објаснување како на причините, така и на последиците, за и од несреќата, упатува на силен инпут од македонските претставници со што е добиена целосната, односно завршната слика за несреќата на „кингерот“.
Сето тоа што е поврзано со летот, подготовките, полетувањето од скопскиот аеродром и завршниот пристап како критичен сегмент во целата оваа сторија, веќе целосно е јасно.
Ќе останат нејасни некој моменти што почнуваат веднаш по уривањето на воздухопловот и траат до неговото официјално пронаоѓање наредниот ден, и, секако, недоволно јасни остануваат трагите на самото место кои се резултат на пожарот. Потребно е да се каже дека од оваа временска дистанца таков тип (криминалистичко-криминолошки) анализи речиси е невозможно да се направи.
Уште пред официјално да биде соопштен извештајот, одредени структури преку медиумите се обидоа да ја дискредитираат содржината на документот, како и кредибилитетот на самите стручњаци што работеа на него. Може ли да се претпостават нивните мотиви?
ДОРЕВСКИ: Овој извештај загреба пошироко и подлабоко, ако може така да се каже, и лично сметам дека членовите или лидерскиот дел на првата истрага водена во 2004 година се почувствуваа засегнати и по тоа што можев да го слушнам и заклучам од презентираното на Федералната босанска телевизија, се направи обид да се поистоветат содржините и заклучоците на двата извештаи (тој од 2004 и тој од 2014 година), што секако е неспоредливо.

Во извештајот се вели дека сите патници настрадале уште при самиот удар. Но, една од големите мистерии беше начинот на кој изгореле телата во авионот, односно необјасниво високата температура која била развиена на местото. Има ли објаснување за пожарот?
ДОРЕВСКИ: При аутопсијата кај дипломатот од МНР е констатирано присуство на чад во дишните патишта, што упатува на заклучок дека кога избувнал пожарот, најмалку еден, а можеби и повеќе од патниците, бил жив. Вдишениот чад е доказ дека во белите дробови на патникот се одвивал респираторно–инспираторен процес кога пожарот почнал да се развива.
Во службената верзија на пожарот е посветен еден пасус.
Секундарната анализа на информациите со кои располагаме и поврзувањето на фактите за состојбата на предметите од самото место, со податоците за горивото и неговите карактеристики, со карактеристиките на пожарите и елементите на воздухопловот, како и оскудните податоци од судско-медицинскиот наод, резервирано може да заклучиме:
- Температурите што се развиле по несреќата со сигурност се повисоки од 1100 степени.
- Керозинот сам не може да ја постигне таа температура и му е потребно дополнителна горивна супстанција (во природата керозинот развива температура од околу 460 степени, а во цилиндрите на моторот до 680 степени).
- Времето на горење било многу кратко, можеби неколку секунди.
- Дел од патниците, иако од надвор, се целосно изгорени, но делови од нивните екстремитети не се зафатени од огнот, а и внатрешните органи воопшто не се изгорени, што укажува дека пожарот бил сосема краткотраен, но многу силен. Од истите причини и леснозапаливите предмети во близина на пожарот, најверојатно, останале неоштетени.
- Пожарот не почнал по ударот на авионот со десното крило во дрво и не додека отскокнувал или се лизгал по ледината, туку, најверојатно, откако запрел на последната точка.
- За оваа хипотеза тргаме од фактот што зборува за состојбата на патникот што не е изгорен, а кој испаднал од авионот во последните два метра од лизгањето и по неговото прекршување во висина на задната врата (од каде и испаднал патникот кој седел на опашката на авионот).
- Постои можност дел од патниците пред избувнувањето на пожарот сè уште да биле живи, според официјалниот судско-медицински наод, во кој стои дека во дишните патишта на патникот на седиштето бр. 6 е пронајден (CO2) чад.
- Променливата јачина на огнот, променливиот правец на ширење и селективното (не)горење на предметите и на патниците во кабината на воздухопловот, тешко може да бидат објаснети со хемиско-физичките законитости на пожар при воздухопловни несреќи.
- Истрагата за време на увидот не ги исползувала сите придобивки и дос-тигнувањата на форензичките науки и не ги употребила сите форензички адути во расветлувањето на околностите поврзани со огнот.
Истрагата обезбедила докази дека СФОР го пронашле авионот неполн час по уривањето и дека ја опструирала потрагата пренасочувајќи ја на погрешни локации. Што сакале да прикријат?
ДОРЕВСКИ: Не сретнав цврст доказ дека СФОР го пронашле авионот неполн час по уривањето, но постојат голем број изјави од локалното население од селото Хусковиќ, како и многу други индиректни докази, кои упатуваат на фактот дека СФОР биле во можност да го пронајдат урнатиот воздухоплов за еден час.
Впрочем, тоа го напишав и во мојата книга уште во 2012 година:
Радијалот (правецот) по кој се движел авионот кон аеродромот, висината, оддалеченоста, дури и брзината, може да констатираме дека секако им биле познати на француските контролори, што се потврдува и со преслушувањето на црната кутија (CVR) и разговорот на екипажот со контролата:

За таа 1 минута, движејќи се со брзина меѓу 200 и 150 км/час, авионот поминал не повеќе од 1750 метри. Бидејќи контролната кула го знаела приодниот радијал, односно правецот на движење кон аеродромот, последната локација, брзината на движење и моментот кога авионот се загубил од контакт, сосема е логички контролорите за неколку минути да ја утврдат точната или приближно точната локација каде се урнал авионот. На 6 милји (околу 10 км) од аеродромот и помалку од 100 секунди пред уривањето на авионот, контролорите ги имале и далечината и правецот во кој се наоѓал авионот. Станува јасно дека СФОР без тешкотии можеле да го лоцира кингерот најдоцна до 9 часот утрото.
На Вашето прашање што сакале да прикријат: со оглед на фактот дека се разјаснети причините за падот на воздухопловот и дека поголем дел од вината сносат пилотите, мислам дека веќе нема простор да се размислува дека некој сакал да сокрие нешто. Но, доколку ја прифатиме тезата дека СФОР дошле на самото место многу кратко по несреќата, а, сепак, не ја обелодениле самата локација, тогаш како единствен логичен заклучок се наметнува објаснувањето дека крутата воено-хиерархиска организација морала да ги направи сите проверки и контроли кои дефинитивно треба да го убедат високиот старешински кадар оти СФОР нема никаква вина како надлежен авторитет над босанското небо.
Во прилог на тоа оди и изјавата на командантот на специјалната единица на БиХ, Викиќ, кој на претпоставеното место на несреќата бил во 10.30 часот. Тој информирал дека поширокиот регион на брдото Хргуд е блокиран од СФОР и претпоставува дека тоа е местото на несреќата. Хеликоптери на СФОР вршат надлетување, а два од нив се спуштиле и повторно полетале со пауза од 10 минути. Сето тоа се случувало меѓу 12.40 и 13.20 часот.
Сметате ли дека тоа е добра основа која може да придонесе за разоткривање на заднината на несоодветниот однос и нехуманите изјави на многу домашни и странски државници кои го прогласија претседателот за мртов додека сè уште официјално траеше потрагата по авионот?
ДОРЕВСКИ: Прва вест за авионската несреќа во РМ пренела МИА во 8.45 часот: Во близина на Мостар кај Столац утрово исчезна авионот кингер со кој патуваше македонскиот претседател Борис Трајковски со членовите на кабинетот.
Вест втора во 10.28 часот: Авионот се урна… се урна авионот со кој патуваше македонскиот претседател Борис Трајковски.
МИА 11.16 часот – вест трета: Претседателот загина…
Берти Ахерн: Претседателот Трајковски загина во авионска несреќа…
Даблин, 26 февруари – Ирскиот премиер Берти Ахерн штотуку соопшти дека македонскиот претседател Борис Трајковски денеска загинал во авионска несреќа во Босна и Херцеговина. Ова го пренесува известувачот на Македонската информативна агенција од Даблин, Илиријана Шурлани.
Реакциите и соопштенијата во јавноста кои следуваат во прв план ја исфрлуваат првата контроверзија. Имено, официјалната потрага по авионот сè уште не е почната (наводно поради лошото време и недеминираните мински полиња кои де факто се опасност за потрагата), наводно остатоците од авионот не се пронајдени и според тоа не може со сигурност да се претпостави судбината на патниците, а веќе интензивно се соопштуваат изјави на сочувство и внимателно дозирани информации на потврди за загинувањето.
Десет минути порано, соопштена од ирскиот премиер (11.07), но како четврта во Скопје стигна изјавата на претседавачот на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, дадена како потврда за загинувањето на претседателот Трајковски: …денеска во Мостар авионот на македонската делегација, која требаше да присуствува на меѓународната конференција за инвестиции во БиХ, се урнал кај Столац во Херцеговина.
До 20 часот телеграма со сочувство или изјава имаат дадено генералниот секретар на Советот на Европа, Валтер Швимер, претседателот на Европската комисија, Романо Проди, рускиот претседател Владимир Путин, американскиот државен секретар Колин Пауел и претседателот Џорџ Буш и многу други, а воздухопловот сè уште не бил пронајден.
Во политиката секоја одлука, секој потез, секој збор се мери на вага, се гледа низ лупа, се анализира, проценува, вреднува и преиспитува. Строгиот дипломатски протокол не би дозволил ниту еден сериозен политичар, особено не првите во светот кои ги спомнав, да испратат телеграма со сочувство или да дадат изјава, а да немаат потврда за исходот на авионот, односно на патниците.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто со Зоран Доревски е објавено во 122. број на неделникот Република, 2.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


