| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува потрагата по двајцата осомничени за нападот на „Шарли ебдо“

­ Браќата Куачи, двајцата француски џихадисти со алжирско потекло осомничени за нападот врз сатиричниот магазин „Шарли ебдо“, сѐ уште се во бегство, а интервентните сили ги следат нивните траги.

Американски службеници од Вашингтон објавија дека Шариф (32) и Саид Куачи (34) неколку години се наоѓаат на американската црна листа на терористи, како и дека Саид Коучи се обучувал да ракува со оружје во Јемен.
Потрагата од четвртокот се одвива на пространа рурална и шумовита зона на околу 80 километри североисточно од Париз. Припадниците на интервентните единици на полицијата детално ја пребаруваат покраината Пикарди, каде што е прогласено максимално ниво на опасност од тероризам.

Во зоната се забележани браќата Куачи, кои се осомничени за нападот извршен во средата во седиштето на весникот „Шарли ебдо“, што е најкрвав во Франција во изминатите 50 години.

Ајфеловата кула синоќа беше исклучена во чест за жртвите од „Шарли ебдо“. Нападот во кој се убиени 12 лица во Париз, го поздрави групата Исламска држава, која сторителите ги нарече јунаци.

– Засега девет лица од најблиското опкружување на браќата Куачи се ставени под надзор – изјави министерот за внатрешни работи, Бернард Казанев.

Претставниците на француската муслиманска заедница ги повикаа верниците за осуда на тероризмот и да се приклучат на националните манифестации во спомен на жртвите, предвидени за недела во Париз. Денеска во сите џамии во Франција ќе биде изразена почит кон жртвите во нападот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top